Македонија
8. August 2020 - 16:00

Прилеп одбележа 19 години од загинувањето на 10-те бранители кај Карпалак

Со положување цвеќе денеска напладне пред споменикот „Карпалак“ во центарот на Прилеп се одбележаа 19 години од загинувањето на 10-те прилепски бранители кои беа убиени во заседа на армискиот конвој со 120 воени резервисти на патот Скопје – Тетово кај месноста Карпалак.

Почит пред споменикот на загинатите искажаа членови на нивните семејства, делегации на претседателот на државата, на Владата предводена од министерот за транспорт и врски Горан Сугарески, на Армијата и Генералштабот, на локалната самоуправа, на здруженија, политички партии и граѓани.

Според прилепскиот градоначалник Илија Јованоски, иста е болката и денеска, 19 години по денот кога Прилеп загуби десетмина свои сограѓани. Јовановски порача да не се повторат сеништата од минатото.

-Десеттемина припадници на резервниот армиски состав ги вградија своите животи во зачувување на територијалниот интегритет и суверенитет на нашата држава. Затоа имињата на Сашо Китаноски, Нане Наумоски, Бранко Секулоски, Марко Деспотоским Ердован Шабаноски, Љубе Грујоски, Дарко Вељаноски, Веби Рушитоски, Горан Миноски и Пеце Секулоски вечно ќе останат во колективната меморија на нашите сограѓани, но и на сите кои си ја сакаат татковината, рече Јованоски.

Здружението на бранители од Велес 19 години доаѓа во Прилеп да им оддаде почит на загинатите бранители.

– И по 19 години сме заборавени, најмногу, ете се чествува во прилеп, ама сите сме некако маргинализирани. порачувам власта да не нѐ маргинализира и да не нѐ заборава, истакна претседателот  на Здружението, Драган Петрушесвски.

Одбележувањето беше со сите мерки за заштита. Чествувањата почнаа уште синоќа пред спомен обележјето во кругот на прилепскиот гарнизон „Мирче Ацев“, беа посетени спомен-обележјето во селото Лениште и манастирот „Света Петка“. Изутрината беа посетени и вечните почивалишта на 10-те загинати бранители на прилепските и на гробиштата во населените места, а во црквата „Света Петка“ во прилепската населба Точила се одржа панихида во спомен на бранителите.