Македонија
28. March 2016 - 16:00

Презентиран Извештајот на Омбудсманот за состојбите со човековите слободи и права во 2015 година

Народниот правобранител Иџет Мемети денеска на прес-конференција посочи дека во текот на минатата година во однос на прекршување на човековите слободи и права реагирал за незаконско следење на комуникациите, полициска бруталност при вршење полициски работи, лош затворски систем, противзаконска наплата на радиодифузната такса, ретроактивно укинување на правата од социјална заштитa, како и за бегалската криза.

Во Извештајот за состојбите со човековите слободи и права во 2015 година, кој денеска омбудсманот го доставил до Собранието на Република Македонија, посочено е дека во минатата година биле примени најголем број поплаки од граѓани.

- Постапивме по 5.336 случаи, од кои само во извештајниот период беа примени 4.403 претставки, а беа извршени околу 8.500 разговори со граѓани и странци за различни проблеми со кои се соочуваат и на кои им е даден правен совет, рече Мемети.

Додаде дека се констатирани 1.514 повреди на човековите слободи и права, што е за 4,39  отсто повеќе од претходната година. - Од нив во 1.238 случаи беа прифатени нашите интервенции, што е за 5,40 отсто помалку од претходната година, а во 117 случаи се уште чекаме одговор, истакна Мемети.

Појава која загрижува, како што посочи, е фактот што од една страна расте бројот на поплаките за повреда на човековите слободи и права, а од друга страна се намалува бројот на прифатени интервенции на народниот правобранител.

Противзаконското следење на комуникациите, како појава на масовно прекршување на правото на приватност на личниот и семејниот живот, како што рече Мемети, го стави под сомнеж функционирањето на целокупниот систем на општеството.

Според народниот правобранител отсуствува професионална, ефективна и навремена истрага за откривање и казнување на полициската бруталност и затоа препорачува неодложни реформи во целиот полициски систем, а особено во системот на нивна контрола.

Правосудниот систем, како што рече, продолжи да функционира со низа слабости. - Судски одлуки се носат пристрасно, а во одделни случаи и од нестручни судии, додаде тој. Препорача властите да се зафатат со сериозна реформа на судството, вклучително и управното судство.

Говорејќи за бегалците, Мемети рече дека констатирале крајно лоши сместувачки услови и третман, особено за ранливите категории. - Со затворањето на границите не е решена  бегалската криза и токму затоа се уште постојат предизвици кои бараат сериозен пристап од надлежните, додаде тој.

Народниот правобранител рече дека нема подобрување ниту во затворскиот систем, посебно во делот на здравствената заштита на лицата лишени од слобода.

Во врска со протестите на средношколците за екстерното оценување и новините во полагање на државната матура, Мемети истакна дека заради обезбедување квалитетен и ефикасен образовен систем на Министерството за образование и наука му препорачал преку дијалог со учениците да се спроведат реформи во оваа област. - Укажав дека е важно да се слушне гласот на оние на кои се однесуваат промените и да се почитува нивното мислење - а тоа се учениците, додаде тој.

Според народниот правобранител забелешки има и за задолжување на граѓаните со радиодифузна такса, која, како што рече, присилно им се наплатува.

На денешната прес-конференција посочи на недоволна соработка со одделни министерства, локални самоуправи и други органи и институции кои, како што рече, продолжиле само формално да доставуваат известување, со што биле принудени да водат долги постапки за утврдување на состојбата во врска со остварување на правото на граѓанинот.