Македонија
19. May 2019 - 16:30

Превентивни советувања за младите како да препознаат замки за трговија со луѓе

Не се ретки примерите кога голем број млади луѓе трагајќи по работа или нови искуства завршуваат во ланецот на трговија со луѓе. Несвесни што се крие пред се позади огласите за работа за кои не се бара ниту работно искуство ниту пак познавања на јазик, голем број лица  многу често завршуваат  на пазарот со бело робје или трговија со луѓе,во свет од кој тешко се излегува. За да ги информираат своите врсници пред се матурантите младите од струмичкиот црвен крст на симболичен начин ги предупредија нивните врсници на што треба да внимаваат.

,, Не секој има добронамерна мисла и дека не знаеме што може да донесе ноќта, каде може да завршиме. Можное тие лоши патишта да не носат во проституција.,, вели Александра Илиева – волонтер во Црвен крст

,, Да внимаваат какви понуди прифаќаат, како се однесуваат, каде излегуваат, со кого се дружат.,, вели Кристина Георгиева – волонтер во Црвен крст.

Од општинската организација на црвениот крст  потенцираат дека секој може да биде жртва на трговијата со луѓе. Токму затоа тие заедно со отсекот за превенција на струмичката полиција ги спроведуваат овие превентивно едукативни активности кои  се само уште еден начин да им го свртат вниманието на младите, но и потсетување  на  ризик факторите кои може да ги однесат во несакан правец.

,, Ова е секако еден меѓународен проблем, меѓутоа да почнеме локално да ги информираме нашите млади дека секаде се случува и може да се случи секому. Посебно сакаме да им го свртиме вниманието на тоа дека секој од нив треба добро да се информира каде ќе стигне, со која туристичка агенција ќе патува, да внимава на сите оние огласи каде станува збор за некоја лесна работа која што не бара познавање на јазик, не бара работно искуство.,, вели  Марија Тошева – секретар на општинска организација на Црвен крст Струмица.

Според одредени статистики мината година во Македонија биле идентификувани 76 потенцијални жртви на трговија со луѓе и 172 ранливи лица, кои се упатени на добивање соодветна помош и поддршка до надлежните институции. И покрај тоа што постојат примери на принудна работа, во нашата држава нај доминантната форма на трговија со луѓе е сексуалната експлоатација.