Македонија
20. September 2023 - 9:14

Превентивни активности на МВР за заштита од пожари и за поголема безбедност во сообраќајот

Полициски службеници од Секторите за внатрешни работи Скопје, Битола, Велес, Штип, како и од Регионалниот центар за гранични работи Север, во текот на вчерашниот ден (19.09.2023) реализираа низа превентивни активности на подрачјата во нивна надлежност, поврзани со теми од областа на безбедноста во сообраќајот, како и заштита на шумите од шумски пожари.
Така, на подрачјето на СВР Скопје, односно на територијата на општина Чучер Сандево, во рамки на кампањата за превенција од шумски пожари, со жителите на населените места од од овој дел на Скопје беа одржани повеќе средби со цел  подигање на јавната свест за внимателно и одговорно однесување кон шумскиот фонд особено во поглед на ризиците од шумски пожари.
Идентично на ова и полициски службеници од ПС за ГП и ГН Пелинце, во рамки на едукативните предавања во Основното училиште „Св.Кирил и Методиј“ во Агино Село и Романовце говореа за важноста од заштита на шумите, иако дел од едукативната настава беше посветена и на темата за сообраќајна безбедност на учениците.

На подрачјето на СВР Битола, односно во Демир Хисар, полициски службеници од ОВР Демир Хисар реализираа едукативно предавање за учениците од Основното општинско училиште „Гоце Делчев“ во Демир Хисар, под мотото „Да ги заштитиме децата во сообраќајот“, додека пак, полициски службеници од ОВР Крушево на подрачјето на селата Лажани и Кошино, во содејство со Шумска полиција, реализираа превентивна активност од областа на заштита од пожари, соопшти МВР.

Отсекот за превенција при СВР Велес, пак, во Основното општинско училиште „Рајко Жинзифов“ во село Горно Оризари, велешко, по повод „Европскиот ден на мобилност“ реализира едукативна работилница на тема „Безбеден сообраќај, безбедни велосипедисти, безбедни пешаци“.

И во рамките на СВР Штип вчера беа реализирани две превентивни акции. Првата од страна на полициски службеници од ПС од ОН Виница кои што на регионалниот пат Кочани – Берово, кај месноста „Пекљанска крстосница“ спроведоа активности под мотото „Биди паметен! Не заборавај, стави појас“, а втората- едукативна работилница со средношколци од трета година од Средното општинско училиште „Кочо Рацин“ од Свети Николе беше спроведена од страна на полициски службеници од ОВР Свети Николе, на тема „Возач почетник“, стои во соопштението.