Балкан
15. February 2018 - 13:37

Претстојат критични разговори помеѓу Вашингтон и Анкара

Анкара е последна дестинација од турнејата на американскиот државен секретар Рекс Тилерсон, кој претстојуваше во Каиро, во Кувајт, во Аман и во Бејрут.

Посетата на Тилерсон е во време кога односите помеѓу Турција и САД се на критично ниско ниво во последните години. Пораките од Анкара се подиректни, додека од Вашингтон се повоздржани.

Претседателот на Турција, Реџеп Таип Ердоган претходно ги обвини САД дека под превезот на борба против Исламска држава ги финансисра и ги снабдува со оружје сириските Курди од Сили за заштита на народот и Партијата на демократската унија, кои за Анкара се ограноци на терористичката Курдска работничка партија (ПКК).

Додека шефот на турската дипломатија Мевлут Чавушоглу изјави дека „или целосно ќе ги обновиме односите со Вашингтон или ќе ги прекинеме за секогаш“.

Американскиот државен секретар пред да отпатува за Јордан изјави дека САД се загрижени за заканите по безбедноста на Турција, алудирајќи на турската операција Маслиново гранче во реонот на Африн, северозападна Сирија. Но, во исто време тој истакна дека операцијата на турската армија ја ослабнала борбата против ИД во источна Сирија, бидејќи курдските борци наместо да се борат против џихадистите се упатуваат кон Африн.

- Силно сме вознемирени од развојот на настаните во северозападна Сирија, наведе Тилерсон.

Вашингтон конкретно стравува од намерите на турската армија по Африн да се упати кон Манбиџ, за што Ердоган најави неколку пати. Битката за стратешкиот град Манбиџ е ризична бидејќи може да доведе до судир помеѓу турските и американските војници.

Тилерсон пред посетата на Анкара изјави дека „е неопходно да се вложат напори за подобрување на односите помеѓу Турција и САД“ и да се бараат заеднички решанија. Но, ако се земе во предвид непопустливоста на Анкара, која е разочарана од поддршката на Вашингтон за сириските Курди, тешко е да се прогнозира како ќе се одвиваат разговорите.

Турскиот аналитичар Мутлу Чивироглу наведува дека изјавите од Анкара не наидуваат на одек во Вашингтон.

- САД не и веруваат на Турција дека е во право да спроведува операција во Африн. Од друга страна, Анкара не ги зема предвид предупредувањата од Вашингтон. Турција и САД се сојузници. Можно е да не се разбираат за сите прашања. Вистина е дека САД не можат да ја натераат Турција да прави се што тие сакаат. САД во моментот се обидуваат да не ги усложнуваат проблемите и истите да ги решат по дипломатски пат, посочу Чувуроглу.