Балкан
27. February 2021 - 8:21

Претставниците на медиумите во Грција обвинуваат за полициско насилство на протест во Атина

 За уште еден случај на полициско насилство врз вработени во медиумите, со седум повредени во неиспровоциран напад од полицајците за време на синоќешниот протест во Атина, обвинуваат преку соопштение од Здружението на фоторепортери на Грција заедно со Здружението на странски дописници во Грција и со поддршка од Здружението на новинари, јави дописничката на МИА од Атина.

Паралелно ја повикуваат Владата да ги информира дали ветувањата што ги дала „за квалитетот на јавниот дијалог, нејзината поддршка за жртвите на насилство (#metoo) и уверувањата за слободата на медиумите се само празни зборови“.

-Кој е „квалитетот“ на јавниот дијалог кога вработените во медиумите континуирано се напаѓаат и заплашуваат од државните органи во униформа? Може и мора да се даде наредба, овие појави да запрат. Може и мора да има последици за униформираните кои очигледно фоторепортерите ги гледаат како „плен“ во игра која е крајно опасна за демократијата. Недвосмислено ги осудуваме овие практики кои станаа „навика“, соопштуваат од здруженијата.

Дополнително, нивните обвинувања за полициско насилство ги поткрепуваат со видео и фотографии од вчерашниот протест организиран од поддржувачите на осудениот терорист од организацијата „17 Ноември“ кој веќе 50 дена штрајкува со глад.