Македонија
1. July 2016 - 12:36

Претставени препораките од Комитетот на ОН за економски, социјални и културни права

Комитетот на ОН за економски, социјални и културни права препорачал примарните здравствени услуги да им бидат достапни и пристапни на сите без оглед на географската местоположба, вклучително и преку насочување доволно средства во здравствените услуги, обезбедување доволен број медицински стручни лица, проширување на опфатот и помошта од Фондот за здравствено осигурување, да прекине наплатата на надоместоци и да се следи дали приватните даватели на здравствени услуги ги почитуваат договорите за нивно извршување.

Ова денеска на прес-конференција го истакнаа претставници на Асоцијација за здравствена едукација и истражување – ХЕРА, Хелсиншкиот комитет за човекови права на РМ, Коалицијата за сексуални и здравствени права на маргинализираните заедници, Иницијативата на жени од Шуто Оризари и од Здружението за еманципација, солидарност и еднаквост на жените – ЕСЕ.

Посочија дека Комитетот препорачува да се преземат мерки за зголемување на бројот на гинеколози и пристап до гинеколошки здравствени услуги на сите жени во нивните општини, а особено во Шуто Оризари, да се преземат сите мерки за унапредување на образованието за сексуално и репродуктивно здравје во училиштата, подобрување на животните услови во транзитните центри за бегалците и да се спречи сегрегација на децата Роми во образовниот систем. 

Укажаа дека Комитетот препорачал вклучување на сексуалната ориентација и родовиот идентитет како основи за заштита од дискриминација во Законот за спречување и заштита од дискриминација и наметнува обврска државата да им овозможи на истополовите парови пристап до привилегиите кои се резервирани за венчаните парови.

Претставниците на неколку организации информираа дека Комитетот препорачува да се преземат ефикасни мерки за да се намали употребата на дроги, да се обезбеди неодложна примена на Законот за семејно насилство, ефикасна истрага и казнување на сторителите на насилство, како и да се обезбеди ефикасна заштита, помош и поддршка на жртвите, вклучувајќи обезбедување финансиски средства за правна помош и застапување.