Македонија
2. August 2020 - 16:26

Претседателот Пендаровски од Пелинце за 76-годишнината на АСНОМ повика на граѓанско помирување и обединување

Што е можно побрзо конституирање на Парламентот и изгласување на нова Влада. Првата задача на Владата треба да биде справување со економските и здравствените последици од корона пандемијата, а вотрата задача пак треба да биде сеопшто помирување во кое треба да помогне и опозицијата. 

Претседателот Стево Пендаровски од чествувањето на Илинден од Пелинце со политички пораки.

- Сега кога парламентарните избори се завршени очекувам што е можно побрзо да се конституира новото Собрание и новата Влада. Следната Влада ќе ја нема комоцијата да не и бидат поставувани тешки прашања во првите 100 дена. Актуелните трендови со вирусот нема да дозволат целосно враќање на економијата во погон, а економските проблеми секогаш носат нестабилност и граѓанско незадоволство. Многу порано пред да ги започнеме преговорите со ЕУ ќе мора да почнеме со практична имплементација на идните правни реформи и да ја интензивираме борбата против организираниот криминал и високата корупција. Конечно новата Влада ќе има една друга комплексна задача особено после ваква изборна кампања во која беа изрешени тешкио обвинувања и лични дисквалификации кои дополнително ги продлабочија проблемите помеѓу граѓаните, изјави претседателот Стево Пендаровски.

Пендаровски со порака да се прават вистински, а не козметички реформи на патот кон ЕУ. Како клучни реформи кои ги спомена се справување со корупцијата, нефункционалната администрација и неефикасното судство.

- Нашите граѓани со право се разочарани кога гледаат дека Обвинителството кое беше симбол на сите наши надежи за расчистување со организираниот криминал се распадна како последица на тоа што и самото стана дел од организираниот криминал. Секоја злоупотреба на функцијата, секој злоупотребен денар од јавните финансии, секој наместен тендер, секое влечење на судските постапки со години, секое малтретирање на граѓаните во административните коридори се причина за заминување од државата на многу млади луѓе и за затворање или преселба на бизниси во други држави и за енормно зголемување на фрустрациите и радикализација на граѓаните, додаде Пендаровски.

Чествувањето на Илинден во Пелинце се одвиваше под посебни здравствени протоколи и без масовни народни собири. Свежо цвеќе во Меморијалниот центар посветен на АСНОМ освен претседателот положија и делегации на Собранието, на Владата, на Дипломатскиот кор и на Сојузот на борците.