Македонија
25. October 2021 - 14:24

Претседателот на Собранието Џафери официјално го прими Извештајот на ЕК за напредок на земјата

Амбасадорот на Европската Унија во земјава, Дејвид Гир денеска на претседателот на Собранието, Талат Џафери официјално му го предаде Извештајот на Европската Комисија за напредокот на Македонија. Средбата се одржа денеска, заради службено отсуство на Џафери, кој минатата недела учествуваше на Конференцијата на претседатели на парламенти на земјите членки на Советот на Европа во Атина.

– Извештајот беше оценет како позитивен, објективен и реален во однос на Собранието ,како централна институција во која се одвива дебатата на сите политички партии. Соговорниците се осврнаа и на процесот на Дијалогот „Жан Моне“ и на целите кои што се постигнаа, како и на очекувањата од следниот циклус на Дијалогот, нагласувајќи ја важноста од активно вклучување и интерес за процесот на сите политички партии во Собранието, се посочува во соопштението од Собранието.

Џафери, како што се наведува во соопштението, се осврна и на текот на локалните избори, на процесот за верификација на мандатите на новите пратеници по изборот на пратеници од тековниот собраниски состав за градоначалници, како и на агендата на Собранието по завршувањето на вториот круг на локалните избори, вклучително и планираната динамика за усвојување на Буџетот на државата.

Гир и Џафери, како што се посочува, заеднички констатираа дека комуникацијата меѓу Канцеларијата на ЕУ и Собранието е секогаш отворена, директна и постојана, што е во прилог на напредокот на државата на евроинтеграцискиот пат.