Свет
30. July 2017 - 21:23

Претседателот на Молдавија бара забрана за партии и движења, кои поддржуваат обединување со друга држава

Претседателот на Молдавија Игор Додон бара да се забранат партии и движења во Молдавија, кои поддржуваат обединување со друга држава, соопштува романскиот информативен сајт „Зиаре“, повикувајќи се на молдавскиот информативен портал Унимедија.

- Во Уставот експлицитно е кажано дека секоја политичка или јавна организација која се залага за укинување на суверенитетот и независноста на Република Молдавија, е неуставна. Точно истото се предвидува и во Романија, објасни молдавскиот претседател на прес-конференција. Тој планира наесен да иницира  закон, со кој во Молдавија ќе бидат забранети партии и движења кои се залагаат за обединување со друга држава.

- Не сакам ништо повеќе од она што е предвидено со Уставот, да се најде и во соодветните закони, како што е во Романија. Ќе го воведеме токму она што е предвидено и во романското законодавство. Токму како што е во Романија, како браќа. Се однесува на сите. И за оние кои сакаат обединување со Романија, и за оние кои сакаат обединување со Русија, додаде Додон.

Молдавија беше дел од Романија до 1940 година, кога била анексирана од Советскиот Сојуз. Во 1991 година Молдавија прогласи независност. Околу четири-петтини од четиримилионското население на Молдавија е со романски корени, пренесува БТА.

Во двете земји има партии и организации кои ја поддржуваат идејата за обединување на Романија и Молдавија. Според истражувањата, приврзаниците на идејата во Романија се околу 68 проценти, а во Молдавија - 21 процент. Актуелниот претседател на Молдавија Игор Додо е наводно проруски ориентиран, а Партијата на социјалистите на Република Молдавија, која го кандидираше, е цврсто против обединување со Романија.