Македонија
15. August 2015 - 20:25

Претседателот Иванов се сретна со делегација на Специјалната олимпијада

Претседателот на Република Македонија, Ѓорге Иванов со сопругата Маја и синот Иван денеска во вилата „Билјана“ во Охрид се сретна со делегацијата на Специјалната Олимпијада на Македонија, која учествуваше на Летните олимписки игри што се одржаа од 25 јули до 2 август во Лос Анџелес, САД.

На средбата претседателот Иванов им го честита успехот постигнат на Олимписките игри и им го пренесе своето високо почитување на нивната работа, истакнувајќи дека особено ги поддржува активностите поврзани со лицата со посебни потреби.  

- Вашиот успех претставува позитивен пример да се мотивираат и други да се вклучат во спортувањето, бидејќи токму спортот е еден од најуспешните начини за интеграција и социјализација на лицата со посебни потреби. Благодарение на успесите на спортистите на Специјалната Олимпијада, се промовира и нашата земја, истакна Иванов.

Претставниците на Специјалната Олимпијада го информираа претседателот Иванов дека ова е најуспешен настап на олимписки игри од ваков карактер, како и за плановите во иднина и учеството во големите интернационални манифестации кои следат, изразувајќи цврста заложба и понатаму да постигнуваат врвни резултати.

Повод за средбата беше извонредниот настап на македонските спортисти на игрите во Лос Анџелес на кои постигнаа одличен успех со освојувањето на две златни, шест сребрени и четири бронзени медали, во неколку спортови атлетика, пливање, јунифајд, кошарка и пинг понг.