Македонија
19. May 2016 - 17:09

Претседателот Иванов го прими амбасадорот Хајндл

Претседателот на Република Македонија Ѓорге Иванов денеска го прими амбасадорот Јоханес Хајндл, личен претставник на министерот за надворешни работи на Сојузна Република Германија.

Како што соопшти неговиот кабинет, претседателот Иванов и амбасадорот Хајндл разговарале за актуелните случувања на политички план во Република Македонија, а биле разменети информации и мислења за можностите и начините за надминување на предизвиците на политичката сцена во земјата.

На средбата биле разменети и мислења и за состојбата поврзана со мигрантската и бегалската криза, како и влијанието на актуелната политичка состојба врз севкупните капацитети на државата во справување со неа.

Двајцата соговорници се согласиле дека Република Македонија е неопходно да има функционални државни институции кои ќе можат професионално, навремено и ефикасно да одговорат во справувањето и превенцијата со заканите. Во таа насока, соговорниците истакнале дека сите политички чинители треба да покажат одговорност, конструктивност и висока свест за интересите на граѓаните и на државата.

Претседателот Иванов на средбата истакнал дека, како и досега, така и во иднина ќе постапува единствено според Уставот и Законите на Република Македонија исклучиво во интерес на државата и на граѓаните на Република Македонија.