Македонија
22. November 2018 - 13:18

Претседателот Иванов го честита Денот на албанската азбука

Претседателот на Република Македонија Ѓорге Иванов, по повод одбележувањето на 22 Ноември – Денот на албанската азбука, упати честитка до припадниците на албанската етничка заедница во Република Македонија.

– Создавање на азбуката е клучен чекор во писмениот и културниот развој на еден народ, таа е огледало на цивилизацијата и суштинско обележје на колективната свест и на идентитетот на народите, наведува Иванов во честитката.

Посочува дека денешниот празник е значаен ден за припадниците на албанската заедница во Република Македонија и оти албанскиот јазик е важен дел од македонското мултиетничко и мултијазично општество.

– Почитувајќи ги идентитетските обележја и меѓусебните разлики ги потврдуваме нашите заложби за градење на подобар живот на сите граѓани и изградба на силна, напредна и европска Република Македонија. Во оваа пригода на припадниците на албанската етничка заедница во Република Македонија сакам да им го честитам Денот на азбуката и да ги повикам сите граѓани заеднички да работиме на негување и зачувување на мирот и македонската традиција на соживот и почитување на различноста, додава претседателот Иванов во честитката до припадниците на албанската етничка заедница во Република Македонија.