Македонија
28. November 2024 - 17:33

Претседателката на Судскиот совет Дамева реагира на обвинувањата за продолжување на мандатот

Претседателката на Судски совет, Весна Дамева, реагира на обвинувањата од ВМРО-ДПМНЕ за продолжување на мандатот преку соопштение во кое таа го појаснува времетраењето на нејзиниот мандат. Дамева вели дека според член 8 став 2 од Законот за Судскиот совет, мандатот на претседателот трае две години. Таа посочува дека нејзиниот мандат беше прекинат од 26 април 2023 до 3 јануари 2024 година поради незаконско разрешување од функцијата.

- Мандатот на претседателот на Судскиот совет е во траење од 2 години, согласно член 8 став 2 од Законот за Судскиот совет и неспорен е фактот дека истиот беше прекинат во периодот од 26.04.2023 година до 03.01.2024 година. Навистина изненадуваат толкувањата за некакво продолжување на мандатот надвор од утврдениот законски период од 2 години, при постоење на неспорен факт дека при извршување на истиот, постои прекин, стои во соопштението на Дамева објавено на веб-страната на Судски совет. 

Дополнува дека јавноста има право да знае за секоја донесена одлука на Судскиот совет, но во конкретниот случај, како што наведува, ниту е донесена одлука, ниту постои основ за донесување на истата бидејќи по истекот на мандатот на претседателот на Советот како точка на дневен ред нема законски основ да се стави престанок на мандат, туку само избор на нов претседател, кое се потврдува и од досегашното работење и постапување на Советот.

- Со оглед дека во два наврати беа донесени Одлуки за разрешување на претседателот на Советот, и тоа на 26.04.2023 година и на 04.05.2023 година, сметав за потребно само да се дефинира точниот датум до кога треба да ја извршувам функцијата во траење од 2 години. За правното  прашање околу времетраењето на мандатот, иако членовите на Советот имаа свој став, сепак беа консултирани и правни експерти и еминентни стручни лица од областа на правото, па само се потврди ставот на мнозинството дека мандатот треба фактички да се извршува 2 години, дополнува Дамева.

Реакцијата на Дамева следува по објавените информации на Фејсбук од пратеникот и член на Извршниот комитет на ВМРО-ДПМНЕ, Антонијо Милошоски, со кои тој тврди дека Советот донел заклучок за промена на законска норма.

Според Милошоски, во понеделникот Судскиот совет одржал затворен работен колегиум, на кој се расправало за наводно противзаконско продолжување на мандатот на претседателката на Републичкиот судски совет (РСС).

Тој посочува дека Дамева за претседателка на Советот е назначена на 5 декември 2022 година и мандатот треба да ѝ заврши на 5 декември оваа година, бидејќи Законот за Судскиот совет вели дека мандатот на претседателот и неговиот заменик трае две години без право на повторен избор.

Премиерот Христијан Мицкоски вчера најави робусна борба со корумпирани обвинители и судии, откако беше прашан за коментар околу наводите за продолжување на мандатот на Дамева.

-Сè додека тие луѓе се присутни и во обвинителството и во судството, за жал, ние не можеме да одиме чекор напред во борбата со криминалот и корупцијата и сенките од минатото коишто се дел од тоа политичко мочуриште кое го зароби ги обвинителството и судството, посочи премиерот.

Ново на Сител