Македонија
3. October 2018 - 18:03

Пресудата за Јанкуловска во случајот ,,Тенк‘‘ ќе биде објавена во понеделник

Инсистирањето да се донесе пресуда во експресен рок од еден месец го прекина законското право на породилно отсуство - ова низ солзи во завршни зборови од судската постапка го изјави екс министерката за внатрешни Гордана Јанкуловска која е обвинета за набавка на блиндираниот мерцедес. Таа смета дека судечкиот совет ќе има пристрасна одлука оти како што наведе, со пресудата за Поповски и Груевски советот го искажал ставот за нејзината вина.

Јанкуловска пред судот рече дека таа не влијаела врз никого при набавката на возилото за потребите на МВР. Објсни дека купувањето на блиндиран автомобил било предвидено со буџетот на министерството и согласно потребите на полицијата за обезбедување на носители на функции и странски гости.

Адвокатите потенцираа дека вината за Јанкуловска, специјалното обвинителство ја темелело само на телефонските разговори кои се незаконски прибавени. Според одбраната спорна е нивната автентичност бидејќи снимките минале долг пат пред да стигнат до СЈО па постои можност за измени во веродостојноста на содржината.

За специјалното јавно обвинителство, телефонските разговори биле само потврда за извршеното кривично дело. Сметаат оти е прекршен законот за јавни набавки оти спецификациите кои се барале за возилото ги поседувала само една компанија. Според СЈО, набавката на мерцедесот е кривично дело сторено со умисла и поттикнување па побара судот да ја прогласи за виновна екс министерката за внатрешни.

Пресудата за Јанкуловска, судот ќе ја објави во понеделник.