Фудбал
16. February 2019 - 10:07

Прерано е да се споредува Нејмар со Пеле, смета Мурињо

Ѕвездата на Париз Сен Жермен ќе мора да забележи поголеми успеси со Бразил, пред да може да се споредува со Пеле и со останатите легенди на „селесао“. Ова е мислењето на менаџерот Жозе Мурињо.

Португалскиот стратег призна дека напаѓачот е еден од најимпресивните играчи во светот, но на ниво на клуб. Неговите неуспеси со репрезентацијата не му дозволуваат да стапне толку високо, како и останатите ѕвезди на националниот тим од блиското и не толку блиско минато.

– Нејмар е фантастичен талент и никој не може да се сомнева во тоа. Тој дојде во Европа и веднаш почна да победува. Мислам дека ги забораваат играчите кои во еден момент беа најдобри во светот како што се Роналдо и Ривалдо… цитирам двајца, но има многу повеќе. Тие исто така играа во Европа и беа фантастични, но тие, исто така, имаа специјални моменти на меѓународно ниво, рече Жозе.

Според него, Нејмар ќе продолжи да се бори да остане во елитата на Европа каде што е веќе.

– Но, успехот со Бразил ќе продолжи да биде сон за него, додаде поранешниот тренер на Манчестер Јунајтед.

Напаѓачот ќе добие уште една шанса ова лето за да освои голем турнир со националниот тим, откако Бразил ќе биде домаќин на Копа Америка.