Бизнис
30. May 2023 - 16:35

Преносната мрежа за електрична енергија ќе мора да се обнови поради големите вишоци струја од фотоволтаиците

Поради се поголемиот интерес за инвестирање во фотоволтаични централи, државата ќе мора да ја обнови преносната мрежа. Со оглед на тоа што во летниот период тие произведуваат повеќе струја, големите вишоци можат да направат проблеми на мрежата.

Но надлежните уверуваат дека барем во наредните неколку години мрежата е безбедна. Државата ќе инвестира, но кога, како и колку тоа ќе чини не се знае бидејќи допрва ќе се прават анализи.

-Го следиме тоа. Сегашниот капацитет е доволен за се што ќе може да се испорача во наредните 3 години во капцитет на произведена електрична енергија. Но треба да бидеме спремни што после 3 години и затоа имаме доволен период да се прилагодиме. Само да не останеме на неми, во смисол да кажеме – зошто треба да инвестираме во нова мрежа, кога денеска ги немаме. Тоа е начинот на кој се креира енергетска независност, вели вицепремиерот за економски прашања, Фатмир Битиќи.

Иако цените на енергијата се стабилизираа,  Европската Унија предупредува дека Македонија треба на време да се подготви за нови предизвици во енергетскиот сектор.

-Кризата не е завршена, и ќе има нова криза. Сега е време да се стегнеме. Затоа ја повикуваме владата ги спроведе реформите во енергетскиот сектор. Да ги финализира своите планови за зелена транзиција пред крајот на годината, да ја преземе легислативата за енергетската ефикасност, вели Џулијан Васало, заменик шеф на Делегацијата на Европската унија во Скопје.

До крајот на годинава во Македонија се очекува да има фотоволтаици со инталирана моќ од 250 до 300 мегавати.

До утре МЕПСО треба да ги достави своите барања до Регулаторната комисија, а наредниот месец ЕСМ ќе каже по која цена ќе ја продава струјата на ЕВН Хоум, од што најмногу ќе зависи новата цена на граѓаните. И РКЕ, но и министерот Бектеши се уверени дека поскапување нема да има, иако од 1 јули ДДВ се враќа од 10 на 18%.

За петнаесетина дена отсега ќе бидат познати деталите и за враќањето на евтината тафира за струја. Засега е познато само дека ќе биде достапна два часа дневно во периодот од 11 до 16 часот, но одлуката ќе се донесе согласно цените на берзите.