Македонија
2. August 2020 - 16:24

Премиерот Спасовски од Скопје: Илинден и АСНОМ симболи на заедништво

Илинден и АСНОМ се симболи на заедништво, а не на поделби, а на 2. август е поставен најцврстиот темелник во основата на македонската државност. Ова го порача претседателот на Владата Оливер Спасовски од свеченоста на скопското Кале каде положи цвеќе пред споменикот на Слободата – сила, слава и победа.

Покажавме дека умееме да ги зачуваме и да ги спроведеме начелата на илинденците. Нашата земја од заборавен патник на слеп балкански коловоз, ја поставивме на шините кои водат кон евроатланска интеграција.
Во духот на нашите илинденци подадовме рака за соработка со сите наши соседи и ја стекнавме нивната доверба. Преку овој отворен пристап се реализираа Договорот од Преспа со Грција и Договорот за добрососедство со Бугарија.

Благодарение на овие договори Северна Македонија од лош пример се претвори во успешна приказна. Таа стана светла точка на Балканот. Довчерашните резигнирани соседи, станаа наши најсилни лобисти и поддржувачи на меѓународен план. Станавме сојузници.

Со членството во НАТО, Македонија никогаш повеќе нема да биде ставена под прашалник ниту изолирана од светот, туку, како што кажа Спасовски во говорот, стана земја како фактор на стабилност во регионот, извозник на безбедност. Претседаелот на Владата вели дека не дозволиле поради тесногради политички и лични интереси да го доведат во прашање вековниот сон.

- Денес кога Северна Македонија, но и целиот свет, се соочува со здравствено-економската криза предизвикана од пандемијата на коронавирус КОВИД-19, овие начела на солидарност и заедништво се попотребни од било кога досега. Ова е криза која ни покажува дека никој не може сам, туку само делувајќи сложно и солидарно можеме да стигнеме до решение.

Освен Спасовски, цвеќе пред споменикот на Слободата положија и делегации на политички партии, димпломатскиот кор, армијата и граѓански здруженија.