Македонија
17. February 2020 - 16:44

Преговорите се во тек, но партиите не откриваат нови предизборни коалиции

Разговори се водат со сите партии, но договори за нови коалиции се уште нема. Ваков одговор даваат најголемите политички партии прашани со каква формација ќе истрчаат на предвремените парламентарни избори закажани за 12 април.
Во СДСМ велат дека засега сигурни им се традиционалните сателити, но не ја исклучуваат можноста предизборната коалиција да се зголеми и со некоја од партиите од албанскиот етнички блок.
СДСМ веќе најави дека на кандидатските листи ќе селектира млади кадри кои ќе се обиде да ги спои со искусните, а од партијата велат дека половина од предложените кандидати ќе бидат жени.
И во ВМРО-ДПМНЕ велат дека остануваат со традиционалните партнери иако се надеваат дека ќе привлечат и некој од оние кои претходните избори беа дел од социјалдемократското јато.
Од опозицијата додаваат дека изборите ќе ги трчаат со нови лица иако се очекува и враќање на кадри кои долго време се дистанцирани од првите борбени линии на партијата.
Нова коалиција веќе има во албанскиот политички блок, каде Алијансата на Села заеднички ќе лови гласови со Алтернатива на Гаши.
Во ДУИ велат дека традиционално на избори ќе одат сами, со надеж дека и натаму ќе останат први во албанскиот политички блок.
Кој со кого ќе оди на избори и како ќе изгледаат кандидатските листи партиите имаат простор да тактизираат до 12 март до кога целите списоци на кандидати треба да бидат доставени до ДИК. Изборната кампања почнува на 23 март и ќе трае до 10 април, два дена пред стартот на гласањето.