Македонија
11. јуни 2019 - 16:33

Предлог законот за лекарска дејност ги скара Синдикатот на клинички и Лекарската комора

Општите лекари во државата да имаат минимална плата од 1000 евра а субспецијалистите 1600, бара Лекарската Комора. Очекуваат оваа нивна забелешка да биде вметната во законот за докторска дејност бидејќи коефициентите за платите ги нема во нацрт верзијата на Министерството за здравство.  Од Комората велат дека тоа ќе се однесува и за матичните лекари но и за доктори кои во приватни ординации сега земаат по 12 000 денари месечен приход.

-Доставивме забелешка за дефинирање на платите бидејќи тоа е од суштествено значење за лекарите во државата. Дефинирањето на платите е согласно коефицинети и ние ги утврдивме овие коефициенти на комисија во Комората каде гледавме реално колку тоа може да биде издржано, вели др. Калина Гривчева Старделова, претседател на ЛКМ.

Предлог законот за докторска дејност ги скара Синдикатот на Клинички и Комората, но главното барање им е заедничко а тоа се платите на лекарите. Синдикалците реагираат дека без утврдување на соодветни плати, лекарите ќе бегаат од државата. 

-Бараме целосно повлекување на предлог законот и утврдување на коефициенти за плати бидејќи тоа е најважно за лекарите во земјата, вели Горан Беговиќ, претседател на Самостоен Синдикат на Клинички.

Од Синдикатот бараат целосно повлекување на предлог законот и изготвување на нов што ќе биде во интерес на лекарите. Од Комората, пак, задоволни што со овој предлог се опфатени и младите доктори.

-Досега нигде ги немало, ниту во еден заакон, вели др. Илбер Бесими, заменик претседател во ЛКМ.

Лекарите повеќе од една деценија чекаат законско решение што ќе ги дефинира нивните права и обврски, но и трудот ќе им биде соодветно платен. За разлика од нив, пациентите имаат закон што е на сила веќе 10 години.