Македонија
13. October 2015 - 14:58

Предлог буџетот за 2016-та пред матичната собраниска комисија

Вкупните економски политики и Буџетот ги ценат оние за кои се наменети. Се додека Буџетот што го предлага коалицијата на ВМРО-ДПМНЕ е позитивно оценет од стопанствениците, пензионерите, земјоделците, примателите на социјална помош, учителите,....., се додека ние сите сме на една страна, а само СДСМ е изолирана со критики на друга, без да извлече поуки од претходните грешки, немаме ништо против, нека продолжи така.

Ова го истакна вицепремиерот и министер за финансии Зоран Ставрески на денешната седница на собраниската Комисија за финансирање и буџет, откако Марјанчо Николов од СДСМ изнесе низа забелешки за тоа како е скроена државната каса, но и оценка дека е со рекордно највисок износ досега.

Николов беше дециден дека СДСМ нема да го поддржи Буџетот зашто, како што рече, со само 8,6 милиони денари за малите и средните претпријатија, 21 милион денари за енергетиката, четири милиони денари за Агенцијата за претприемнитшво и девет милиони евра поддршка за вработување наспроти 60 милиони евра за реклами, Буџетот вооошто не е развоен и нема да придонесе за раст на економијата. 

Николов обвини и дека е зголемен јавниот долг, непродуктивно се трошат пари за споменици, се купуваат прво возови пред да се направат пруги, платите на вработените кај странските инвеститори се многу ниски,...

Подвлекувајќи дека дискутира врз основа на конкретни резултати, аргументи и бројки кои очигледно ја покажуваат разликата меѓу ВМРО-ДПМНЕ и СДСМ во однос на сите економски политики и параметри особено кога станува збор за реализирањето на Буџетот, Ставрески ја обвини СДСМ за политичка хипокризија. Токму поради тоа што едно зборуваат на говорница и кога се опозиција, а друго прават додека се на власт, рече, го изгубиле кредибилитетот кај граѓаните. 

- Жалам што нема да дадете подршка на Буџетот. Грешите како што грешевте во изминатите години кога не ја дававте поддршката за реализација на значајни проекти, изградба на патишта, пруги, училишта, зголемување на субвенции за земјоделците, пензии, социјална помош,..., нагласи Ставрески и додаде дека ниту една од досегашните оценки на СДСМ за Буџетот не се исполни, ниту ќе се остварат сегашните предвидувања.

Заклучно со 2015 година, посочи вицепремиерот, отворени се 133.000 нови работни места, зголемени се социјаланата помош, како и пензиите неколкукратно, граѓаните купиле 230.000 возила зашто акцизите се намалени, а 300.000 лица си го откупиле дворното место за едно евро по квадрат. Според Индексот на глобалната конкурентност на Светскиот економски форум, Македонија во времето на СДСМ беше на 94 место, а сега е на 60-то. Во однос на задолженоста, пак, ако се спореди со соседните или другите европски земји, Македонија работела многу домаќински, а СДСМ уште ја врти истата плоча. 

Ставрески ги демантира и обвинувањата на Николов кој рече дека луѓето што се вработија кај странските инвеститори се робови. - Прашајте ги сите 15.000 луѓе кои најдоа работа таму и кои земаат 12.000, 15.000. 18.000,... зависно од струката и квалификациите. Дали се чувствуваат како робови сега или кога вие ги отпуштивте? После тоа што им го направивте, немате образ да зборувате, укажа Ставрески.

Во образложението зошто СДСМ нема да даде поддршка, Марјанчо Николов заклучи дека граѓаните најмалку ќе почувствуваат бенефит од Буџетот. Тој побара да се каже колкава е државната помош за Џонсон Мети, за Кромберт и Шуберт, колку должат општините и зошто се земаат кредити за пензиите.

- Расте бројот на граѓани со блокирани сметки, спомениците, палмите и галиите не носат развој на економијата. Со вакви програми за субвенционирање на странските компании, Македонија станува колонија, а работниците робови на странските инвеститори. Стануваме земја каде лесно се експлоатира работната сила. Кога ќе заврши домашната помош, странските вложувачи ќе си заминат. Ако не престане оваа политика, се повеќе пари ќе се одлеваат во странство зашто ниту една од странските компании не ја инвестирала добивката тука, забележа Николов.

Ставрески на тоа реплицираше со напомена дека граѓаните следат кој што работи, а не кој што зборува. - Можете како сакате да ја формулирате реченицата, но граѓаните следат што работиме, а не што зборуваме, рече вицепремиерот. 

Според Кртсе Мукоски од ВМРО-ДПМНЕ, опозицијата се обидува да спинува и да ја пренасочи дискусијата. Но, бројките се егзактни и вистината изглегува на виделина.

- За документ кој предвидува раст на БДП за четири отсто, на извозот за осум проценти, на индустриското производство за околу четири отсто, кој проектира обезбедување дополнителни средства за граѓаните, плати, пензии, социјална помош, субвенции,..., во кој се обезбеудваат највисоки средтсва за капитални инвестиции кои треба да дадат раст на економијата, не може ништо да се каже освен дека ќе и донесе добро на Македонија и оти е развоен, нагласи Мукоски. 

Расправата за Предлог-буџетот за 2016 година ќе продолжи по паузата на Комисијата.