Македонија
17. December 2015 - 14:17

Предадено во употреба ново тениско игралиште во Македонски Брод

Директорот на Агенцијата за млади и спорт Марјан Спасески и градоначалникот на општина Македонски Брод Милосим Војнески денеска свечено го предадоа во употреба тениското игралиште, во дворот на ОУ „Св. Климент Охридски”.
 
Според Спасески, во изминатиот период има одлична динамика на реализација на проектот за изградба на капитална спортска инфраструктура. Само во изминатите две години, нагласи тој, преку Агенцијата за млади и спорт, изградени се преку 60 спортски објекти низ целата држава, а во соработка со Министерството за образование и наука во изминатите неколку години изградени и реконструирани се преку 250 објекти“.
 
Директорот Спасески посочи дека од проектот за изградба на 120 тениски терени, досега изградени се 70, а уште 6 се во фаза на градба, кои се очекува да бидат завршени до крајот на годината.-
 
- Ако во минатото спортот беше привилегија само на одбраните или на оние што можеа да си го дозволат тоа и во онака импровизирани услови, бидејќи и покрај декларативните заложби на терен воопшто ништо не се реализираше, денес по повеќегодишна континуирана инвестиција, видно е променета спортската слика во нашата земја. Од овие проекти, бенефит видоа многу општини во нашата земја, кои немале воопшто или имале сериозен дефицит од спортски објекти, изјави Спасески и најави изградба на повеќенаменско игралиште во Македонски Брод за следната година.
 
Градоначалникот Војнески се заблагодари на Владата и Агенцијата за млади и спорт за сите инвестиции во оваа општина, а особено за инвестициите кои се насочени кон развојот на спортот и поддршката на младите.
 
- Во минатиот период Агенцијата за млади и спорт во нашата општина изгради спортска сала и големото фудбалско игралиште, а денес сме сведоци и за изградбата на ова тениско игралиште, кое ќе биде во функција на учениците, но и на сите оние кои сакаат да го практикуваат „белиот спорт“. Само така може да создаваме здрава младина, која ќе биде оттргната од сите пороци кои ги демнат во денешницата, изјави Војнески.
 
Игралиштето е градено по најсовремени стандарди, со тврда акрилна  подлога, а поставени се и рефлектори за играње и во доцните вечерни часови.