Македонија
19. January 2023 - 19:38

Празнување на Богојавление – Водици во Охрид

Илјадници верници од земјава и странство за големиот празник Богојавление –Водици во Охрид

19 годишниот Васко Довлев од Варош го фати крстот во осветените води на Охридското Езеро иако за првпат е во неговите раце сепак вели дека се капи за овој ден уште од мал. Тој беше најбрзиот помеѓу неколкуте стотини капачи кои запливаа во студените води на езерото.

„Скокам многу години. Уште од мал се капам. За првпат го фаќам крстот. Чувството е многу убаво. Едноставно во раце ми дојде, чувствував дека е за мене. Падна до мене и само ја пуштив раката. Чувствував, едноставно со верба во Бог, одев во црква и постев и кога имаме верба се ќе биде. Најбитно здравје, среќа, љубов на сите“ , рече Довлев.

Градоначалникот Пецаков истакна дека денешниот празник е посебен за Охрид а на фаќачот на крстот му посака успешна година.

На фаќачот на крстот му посакувам да има успешна година како и секој оној кој успеал да го фати и се надевам дека уште многу многу години ќе успееме да го славиме овој празник кој за Охрид и охриѓани е дефинитивно најголем. Најбитната работа е што денес при вакви услови со силен јужен ветер и големи бранови го прославивме празникот, но бериќет и убавини да дава. Традиционално Општина Охрид на фаќачот на крстот му доделува икона и крст од филигран.

На одбележувањето на Богојавление – Водици присуствуваше и претседателот на ВМРО ДПМНЕ, Христијан Мицкоски кој упати честитки до сите, посакувајќи задравје, мир и спокој.

„На сите православни христијани им посакувам здравје, среќа, успех, мир тоа што ни е потребно на сите нас и на сите граѓани кои не го слават овој ден, а се наши сограѓани во Македонија. Нека ни донесе пред се здравје овој ден, да бидеме спокојни и мирни во душата бидејќи тоа е најважно. Да му го честитам овој среќен момент на фаќачот на крстот“,  рече Мицкоски.

Традиционално, фаќачот на крстот заедно со неговата тајфа денеска ги посетуваат домовите на охриѓани честитајќи им го големиот празник Богојавление – Водици.

И оваа година освен охриѓани во водите на Охридското езеро по крстот влегоа верници и од други градови од земјава. Чествувањата и обичаите продолжуваат и утре, на Денот на рибарите и празникот Свети Јован Крстител. со традиционалното капење на рибарите кај  месноста „Сараиште“.