Македонија
15. May 2019 - 16:06

Пратеникот Богоевски потврди дека нарачувал недозовлена супстанца - не било кокаин, туку масло од канабис

Пратеникот Павле Богоевски ја потврди автентичноста на телефонскиот разговор кој вчера на руска социјална мрежа го објави корисник под псевдонимот Илија Громовник, кој со снимката тврди дека Богоевски нарачува кокаин. На социјалните мрежи денеска пратеникот вели дека овој телефонски разговор е негов, но е изваден од контекст.

Дали разговарам за супстанца чиј промет е забранет? Да. Но, во овој разговор не нарачувам кокаин. Договарам набавка на масло од канабис. За медицинска употреба, за моја многу блиска личност на која маслото од канабис и’ помогна таму каде другите лекови не можеа да и’ помогнат. Тоа го правам веќе неколку месеци и ќе го правам се’ додека е потребно.

Немам никаква намера да се правам светец, ниту да глумам дека сум изненаден зошто мојот политички противник одбра токму вака да ме нападне. Ама немам намера ниту да се правдам за мојот приватен живот. Во оваа „БОМБА“ нема договарање на милионски криминали. Нема заговарање за уништување животи, пишува Богоевски, кој вели дека очекува судските органи во земјава да го пронајдат и казнат оној кој го објави овој телефонски разговор.

Богоевски кој во јавноста е познат поборник за легализација на канабисот за здравствени цели преку социјалните мрежи порачува дека за своите ставови и натаму ќе се бори и приватно и преку собраниската говоница.