Македонија
4. October 2016 - 17:07

Пратениците не и го продолжија мандатот на Катица Јанева

Предлозите на СДСМ за измени на Законите за Специјалното јавно обвинителство и за заштита на сведоци не добија поддршка од пратениците. Опозицијата смета дека овие закони се клучни за поефикасна и непречена работа на обвинителството на Јанева. Обвинија дека со денешното гласање пратениците го докажале стравот од работата на СЈО и нивните истраги.

 За надминување на кризата, никој не смее да бега од соочување со правдата. СЈО е клучен дел за излез од политичката криза., рече Петре Шилегов.

Според Илија Димовски пратеничката група на ВМРО-ДПМНЕ и Коалицијата останале на својот став дека нема да разгледуваат било какви дополнителни барања на Специјаното обвинителство. Димовски потенцираше дека владејачката партија го поддржува постоењето на Специјално обвинителство, но жали што тимот на Јанева не е на ниво на задачата бидејќи и по повеќе од една година нема одговор кој и со каква цел прислушувал во Македонија.

Првата причина е дека не прифаќаме никакви нови договарања, предоговарања, проширување на опфат и рокови надвор од тоа што беше во рамките на процесот наречен Пржино. Втора причина, би сакал да потсетам дека од страна на Специјалното јавно обвинителство ова Собрание беше наречено нелегитимно. Не знаеме по кој основ од ова Собрание се бара промена на закони ако е нелегитимно. Ако е нелегитимно нема право ниту да носи закони. Понатаму, не беше доставен финансиски извештај што е прв пат во плуралната историја на Република Македонија, а може и предходно во предходните 50, 60 години во социјализмот. Не паметам, но веројатно е прв пат, воопшто одредена институција која што според законот одговара за својата работа пред Собранието да одбива да даде финансиски извештај за тоа како ги троши парите на граѓаните, рече Димовски.

Пратеникот Рафис Алити од ДУИ пак вели дека ги поддржал и двете законски измени со цел опозицијата да нема уште едно алиби да не излезат на избори.

Предложените законски измени предвидуваа Спцеијалната обвинителка да ги заврши истражните постапки кога ќе оцени дека состојбата на работите е доволно разјаснета за покренување на обвинение, односно во рок од 12 месеци од денот на донесување на наредбата за спроведување на постапка и целосна автономија на Специјалното обвинителство во одлуките кои сведоци ќе бидат заштитени.