Македонија
5. October 2015 - 14:50

Пратениците гласаа закони во прво читање

Собранието во рамки на 67. седница денеска ја констатираше потребата за носење на измените и дополнувањата на законите за катастар на недвижности, за процена, за медијација, за вештачење, за Академијата за судии и јавни обвинители, за постапување по претставки и предлози и други. 

Измените и дополнувањата на Законот за катастар на недвижности имаат за цел да се намали можноста од злоупотреба при полагањето и спроведувањето на испитот за стекнување овластување за овластен геодет, да се подобри транспарентноста при полагање на испитот, да се заострат казнените мерки во однос на постапката при спроведување на испитот, како за кандидатите така и за овластените претставници кои учествуваат во спроведување на испитот, а се предвидува и овластено лице кое ќе ги спроведува техничките работи, за кого исто така е предвиден и прекршок.

Владејачкото мнозинство го поддржа законот, додека опозицијата не гледа потреба од негово донесување.  

Со измените меѓу другото се предвидува и надоместок за овластените претставници кои учествуваат во спроведување на испитот, надоместок за комисијата која ќе врши ревизија и надоместок за овластеното лице од директорот на Агенцијата. Предвидено е најмалку 30 отсто од прашањата да се заменуваат со нови и тоа двапати годишно, а не како до сега еднаш годишно, а притоа да се имаат предвид промените на правните прописи на кои е засновано прашањето односно случајот, бројот на кандидати кои го одговорале, успешноста во одговарањето, како и други критериуми кои можат да влијаат на подобрувањето на квалитетот на базите на прашања.

Целта на измените на Законот за медијација е воедначување на системите за електронско полагање на испитите во земјата и пропорционална примена на прекршочните одредби, особено во однос на изречените парични глоби и другите мерки соодветно на тежината на сторениот прекршок, образложи пратеничката од ВМРО-ДПМНЕ Нада Ципушева. 

СДСМ, според пратеникот Петре Шилегов, не го гласаше овој закон, и смета дека во целост треба да се смени концептот за полагање на испитите поврзани со правосудството вклучувајќи го и овој за медијација. 

Заменик министерката за информатичко општество и администрација Марта Томовска изјави дека со измените и дополнувањата на законите за постапување по претставки и предлози, за електронско управување, за електронските комуникации, за воведување на систем за управување со квалитетот и заедничката рамка за процена на работењето и давањето услуги во дражавната служба, за управната инспекција и за инспекциски надзор, сите во прво читање, се врши усогласување со Законот за прекршоци односно се намалуваат глобите и се доуредува водењето на евиденцијата.

Пратениците ја констатираа потребата од носење на овие закони, како и на измените на законите за заштита на децата, за безбедност и здравје при работа, за социјална заштита, за задолжително капитално финансирано пензиско осигурување.

Предлог на законот за изменување и дополнување на Законот за обука и испит за директор на основно училиште, средно училиште, ученички дом и отворен граѓански универзитет за доживотно учење, во прво читање, како што образложи заменик-министерот за образование и наука Спиро Ристовски, се врши дополнување на одредбите од законот заради подобрување на начинот на полагањето на испитот за директори.

- Во рамки на законот се уредува целокупната постапка од аспект на известување на потенцијалните кандидати, начинот и спроведувањето на испитот во насока на блокирање и оневозможување на сите можни злоупотреби при спроведување на целиот испит, од друга страна се утврдуваат процедурите и утврдување на процент кој треба да го регулира надлежната институција а се однесува на подобрување на квалитетот на целиот испит, рече Ристовски. Утврдена е и ревизиска постапка која ќе биде спроведувана од страна на надлежните институции. Предвидени се и прекршочните одредби.

Пратениците од СДСМ не го поддржаа ниту ова законско решение.

Констатирана беше и потребата за носење на измените и дополнувањата на Законот за Академијата на наставници, во прво читање. Според заменик-министерот Ристовски со него се усогласува и доуредува начинот на полагањето на приемниот и завршниот испит во Академијата за наставници.

Реплицирајќи им на пратениците од опозицијата, Ристовски потенцира дека Академијата е систем за зајакнување на педагошките факултети, а не нивно укинување. Академијата, како што кажа, е во фаза на формирање затоа што се одложи носењето на законот за високо образование и други два закони. 

Пратеникот Енес Ибрахим истакна дека предложените измени, како и законот се неповолни за наставниците и новите генерации. Академијата за наставници предизвика дискусија меѓу пратениците. Опозиционерите бараа целиот закон да се повлече, додека владејачкото мнозинство смета дека наставниците треба да се надоградуваат.

Седницата продолжува по редовната пауза.