Пратенички прашања: Од резолуцијата во ОН, преку Коцевски, до кој какво млеко пие
Македонија ја одбра резолуцијата на САД за Украина во Обединетите нации бидејки во Европската унија имаше разногласие, па ние го одбравме ставот на главниот стратешки партнер, вели премиерот Христијан Мицкоски за последните одлуки на Владата. Последните одлуки во надворешната политика беше прва тема на опозицијата на седницата за пратенички прашања.
„Кога видовме дека во Европската Унија нема заеднички став по резолуцијата, тогаш беше логично да застанеме позади резолуцијата која што ја предложија САД... Прашањето е зошто тие земји - членки кои што се постојани или повремени, а се дел од ЕУ, не го блокираа носењето на резолуцијата на САД?! Зошто не гласаа против?'', изјави премиерот.
,,Како се работи на мир? Се седнува, се разговара и се преговара. Се прогласува прекин на огнот на двете страни и се седнува на маса. Тоа е начинот како да се постигне мир и се разговара се до моментот додека не се постигне мир. Со воени дејства на теренот, со жртви, со раселени, не се постигнува мир''.
Мицкоски одговараше и за предлогот за разрешување на јавниот обвинител.
,,Има пратеници од политички партии во опозицијата наместо на страната на гласот на народот, застанаа во одбрана на Коцевски. Имајќи предвид дека довербата во обвинителството не е повеќе од 2-3%, тогаш се поставува прашањето чиј глас го претставуваат бранејќи го Коцевски.''
Шефот на дипломатијата Муцунски пак, демантираше дека неговиот татко испраќал писма од службена електронска пошта на МНР до вработени во министерството. Побара случајот да го испита Антикорупциска.
Со лични квалификации пак, се дебатираше за животниот стандард на граѓаните.
На прашањето за ветинг на политичарите од ДУИ пак, заменик-министерот за правда Деребан одговори дека лицемерно е партијата која е пример за криминал и корупција да има вакви барања. Рече дека не е потребен ветинг туку потребна е одговорност пред институциите поради корупција.
-
Катерина Нешкова
Сите содржини од овој новинар