Македонија
27. August 2017 - 13:47

Пожарот кај Рибница изгаснат, се уште гори во Аџина Река

Од двата пожара во Националниот парк „Маврово“, едниот е изгаснат, а другиот уште е активен. Вработени во Паркот се на терен, но се уште нема информации како оди справуавњето и што е зафатено од огнот.

Од Дирекцијата за заштита и спасување информираат дека вчера околу 13 часот бил забележан чад и оган во атарот на Рибница и на две локации во месноста „попова ливада“ и „рибничка скала“ каде покрај нискостеблеста шума, смрека и папрат, била зафатена и букова шума.

Огнот кој зафатил површина од над 200 хектари, го гаснеле 15 вработени во Паркот, а на помош биле повикан и авион од ДСЗ. Синоќа огнот бил изгаснат, а на местото има дежурни лица кои ја следат ситуацијата.

Во моментов активен е пожарот во регион на Аџина Река. Во последниов месец на територијата на националниот парк „Маврово“ ова е втор пожар на отворено. Претходно поголем пожар беше регистриран во атарот на селото Бибај.

Засега нема информации што ги предизвикало пожарите, а одоговрните потсетуваат дека предизвикувањето пожар во национален парк подлежи на кривичен прогон. Казните за вакво дело се многу поголеми од оние кои се однесуваат на незашитените шумски појаси.