Свет
10. November 2019 - 10:39

Пожарите во Австралија не запираат, трет ден, трета жртва

На третиот ден од големите пожари во државите Нов Јужен Велс и Квинсленд, повеќе од сто пожари се сè уште активни. Во гасењето на пожарот се вклучени повеќе од 1.300 пожарникари, а премиерот Скот Морисон рече дека и војската може да биде вклучена. Покрај тоа, стотици цивили волонтираат во гасењето, а поради екстремното време се претпоставува дека може да има уште повеќе пожари.

Во Квинсленд, илјадници луѓе ја поминаа ноќта во центрите за евакуација и властите сега проценуваат дали е безбедно нивното враќање дома. Противпожарната служба потврди дека повеќе од 150 домови се уништени.

И покрај тоа што од вчера е постудено, што донесе одредено олеснување, сè уште постојат стравувања дека високите температури, ниската влажност и силниот ветер, може дополнително да ги интензивираат пожарите, што не можат да се контролират.

 

За следната недела, особено од вторник, се издадени специјални предупредувања за Нов Јужен Велс, особено за областа околу Сиднеј.

„Во овие временски услови пожарот се шири брзо и претставува опасност за домовите и луѓето“, соопшти Министерството за противпожарна заштита на Нов Јужен Велс. Додадоа и дека времето следната недела ќе биде исто толку лошо, ако не и полошо од викендов. Затоа, се очекува пожарите да се шират во делови од земјата каде живеат голем број луѓе како што е  Сиднеј.

Пожарникарите во петокот пронајдоа телото на една жртва која беше запалена во автомобил во близина на Глен Инес, околу 550 километри северно од Сиднеј. Во истиот град, пожарникарите пронашле жена со изгореници од највисок степен . Таа била пренесена во болница, но не била спасена и набргу починала.

Керол Спаркс, градоначалничката на Глен Инес изјави дека денес жителите на овој град се трауматизирани.

„Пожарот беше висок до шест метри и се движеше со 80 километри на час. Тоа беше страшно за луѓето кои беа погодени “, изјави таа за АБЦ.

Полицијата во НСВ вчера потврди дека трето лице загинало откако нејзиното тело било пронајдено во изгорената куќа во близина на Тара, на околу 300 километри северно од Сиднеј. Полицијата соопшти дека куќата и припаѓала на 63-годишна жена, но тие не можеле да го потврдат идентитетот на починатата сè додека не биде извршена обдукција.