Балкан
3. July 2021 - 19:58

Пожар на Кефалоња, превентивно евакуирано село

Превентивно е евакуирано селото Капандрити на грчкиот остров Кефалоња, поради шумскиот пожар што избувна денеска, а противпожарните служби интервенираат со седум авиони, два хеликоптери, 38 пожарникари со осум возила и три пешадиски тима, јави дописничката на МИА од Атина.

Според локалните медиуми, огнените јазици стигнале и до дворовите на дел од куќите, а градоначалникот на конкретниот дел од островот Теофилос Михалатос за грчката новинска агенција АНА-МПА вели дека пожарот е опасен поради силниот ветер и високите температури, а евакуацијата на селото била превентивна по препорака од началникот на противпожарната служба.

Од противпожарната служба на Грција соопштија дека на островот со брод пристигнуваат 14 пожарникари со седум возила од соседните градови Патра и Килини, за да помогнат во гаснењето на пожарот, што сè уште не е ставен под контрола.