Бизнис
14. December 2016 - 19:39

Повикот за ИПАРД 2 ќе биде објавен во јануари - Земјоделците имаат на располагање 60 милиони евра европски пари

Во јануари ќе биде објавен првиот повик за ИПАРД 2 програмата. На располагање се 60 милиони евра европски пари за поддршка на земјоделството и руралниот развој во земјава.

Ќе бидат активни 3 мерки. Едната се однесува на примарните производители а  другата на преработувачите. Со третата мерка пак ќе се финансираат малите бизниси во руралните средини.

Новина е што во однос  ИПАРД 1 програмата кофинансирањето за земјоделските стопанства ќе биде зголемено на 60 %. Додека за малите бизниси во руралните средини поддршката ќе се зголеми на 65 отсто од 50 % во ИПАРД 1.

Како што информираат надлежните се очекува во овој програмски период да се зголеми интересот за отварање на мали бизниси во руралните средини како градинки, старечки домови, фризерници  и козметичи салони. Во ИПАРД 2 ќе се кофинансираат и оние кои сакат да произведуваат и продаваат енергија од обновливи извори.

Државата годинава за првпат субвенционира до 50 отсто од каматата на земените кредити за реализација на ИПАРД проектите . Заинтересираните имаат уште 10 дена да се пријават.

Во ИПАРД 1 програмата најголем дел од апликациите, над 2500, беа од земјоделците и тоа за мали инвестиции до 10 000 евра.

Во мерката од ИПАРД 2 која се однесува на преработувачката индустрија, ќе се зголеми висината на прифатливи проекти на 4,5 милиони евра.