Свет
21. April 2020 - 18:23

Повеќе респиратори од заболени пациенти во Италија

Специјалниот комесар на италијанската Влада за борба против коронавирусот, Доменико Аркури, рече дека за првпат од избувнувањето на пандемијата во италијанските болници има повеќе респиратори отколку пациенти заболени од коронавирус во одделенијата за интензивна нега.

Тоа ни дава сила да продолжиме понатаму, им рече Аркури на новинарите, пренесува АП. Во италијанските болници има околу 2.500 пациенти на одделенијата за интензивна нега.

Аркури изјави дека не посакува никому да се соочи со дилемата каде секоја вечер да се пратат респиратори, бидејќи не биле доволни за сите пациенти.

Во Италија, вирусот однесе повеќе од 24.000 животи, што е најмногу во Европа.