Македонија
18. јуни 2016 - 16:05

Повеќе колапси и зголемен број интервенции на брзата помош поради топлотниот бран

Две  колабирања на гробиштата во Бутел и Ѓорче за задушница , 4 сообраќајни несреќи со повредени, влошена здраствена состојба на хронично болни.  Топлотниот бран  денеска го зголеми бројот на интервенции на скопската Брза помош.

-Денеска имаме зголемен број на интервенции само за овие 5-6 часа како сум на работа имаме 40-тина интервенции, а вчера имало толку во текот на целиот ден, изјави д-р Ѓеорѓи Карамановски, шеф на смена во Брза Помош.

Според лекарите на вакви екстремно високи температури колабирањата се неизбежни доколку не се почитуваат  препораките. Од брзата помош советуваат да не се излегува без потреба кога е најтопло. Ова се однесува и за младите кои спијат до доцна и гладни излегуваат на силното сонце.

-Препораките се однесуваат и на младите, и тие треба да ги почитуваат, пред излегување да јадат, да пијат многу течности за да ја надополнат изгубената течност преку потењето и да носат светла облека и заштита од сонце, додаде д-р Карамановски.

Македонија и денеска е во портокалова фаза на топлотен бран. Министерството за здравство излезе со препораки на вакво време да не се одржуваат спортски активности на отворено од 11 до 17 часот, а бремените, хронично болните и лицата постари од 60 години да бидат ослободени од работните обврски.