Македонија
26. March 2019 - 16:20

Поведена постапка против две лица и еден инспектор за уништување на трската во Струга

Струшкото обвинителство го истражува уништувањето на трската долж охридското езеро и најави засилен надзор .Поведена е постапка против две лица за сечење на трската едниот од осомничените во близина на плажата „Версус“ со кајче влегол во езерото и со срп ја сечел трската додека другиот го нарачал сечењето со намера да се сопре природниот раст.

Со ваквите дејствија тие постапиле спротивно на Законот за заштита на природата.Основното јавно обвинителство поведе постапка и против инспектор по природа од Министерството за животна средина за сторено кривично дело попречување на правдата, бидејќи одбил да излезе на лице место во моментот кога се сечела трската и да преземе дејствија по барање на јавниот обвинител.

Состојбата со палењето на трската станува алармантна екологистите апелираат локалните од Охрид и Струга да формираат стручен тим , кој ќе се активира и ќе презема ригорозни мерки против оние што ја уништуваат трската, а со тоа и целиот биодиверзитет што живее во неа.

Според екологистите потребно е да се работи на подигање на свеста кај луѓето за штетните последици од неразумното уништување на трската .

Инаку на потегот од Подмоље до Калишта непосредно до самиот езерски брег уништени се огромни површини на трска. Граѓанските активисти и екологистите се сомневаат дека со палење на трската се подготвуваат терените за узурпација на крајбрежјето преку нови градби.