Македонија
10. July 2016 - 13:55

Потпишана Програма за културна соработка меѓу Македонија и Хрватска за периодот 2016-2019 година

Министерката за култура Елизабета Канческа-Милевска денеска во рамките на еднодневната работна посета на Хрватска, во Дубровник оствари билатерална средба со хрватскиот министер за култура, Златко Хасанбеговиќ.

Како што соопшти Министерството за култура, на средбата двајцата министри за култура ја потпишаle петта по ред Програма за културна соработка меѓу Министерството за култура на Република Македонија и Министерството за култура на Република Хрватска за периодот 2016-2019 година, која претставува правна рамка за интензивирање на заемната соработка меѓу институциите  и соодветните здруженија од сите области на културата и уметноста во двете земји.

Двајцата министри изразиле задоволство од досегашната соработка помеѓу Македонија и Хрватска постигната во сите области на културата, која претставува плод на дведеценискиот труд на дипломатските односи кои ги негуваат двете држави.

Канческа-Милевска и Хасанбеговиќ, како што е наведено во соопштението, се согласиле дека Програмите за соработка кои досега беа потпишани дадоа одлични резултати што се конкретизираше со богата соработка помеѓу инстутуциите од областа на културата, при што голем број на македонски уметници континуирано се презентираат во Хрватска, но и значаен број на хрватски автори се редовни гости во нашите институции и на најзначајните манифестации во нашата земја.

Канческа-Милевска нагласила дека Министерството за култура редовно ги поддржува активностите на здруженијата на Хрватите во Република Македонија но поддршка, како што посочила, добиваат и македонските здруженија во оваа земја за што упатила благодарност до својот хрватски колега.

На средбата Канческа-Милевска ја истакнала и одличната соработка меѓу НУБ „Св. Климент Охридски“ од Скопје и Националната универзитетска библиотека од Загреб, кои во 2014 година потпишаа Договор за соработка, во чии рамки беа организирани Денови на хрватска книжевност во Македонија, но и Денови на македонската книжевност во Хрватска.

Со особено внимание била потенцирана и финансиската поддршка која ја обезбедува Министерството за култура за издавање на преводи на македонски јазик на реномирани хрватски автори и во тој контекст за македонската читателска јавност се достапни делата на Дубравка Угрешиќ, Бранко Чегец, Ренато Баретиќ, Златко Крамариќ и многу други автори.

Министерката за култура истакнала дека на Конкурсот за откуп на публикации во последниве две години, откупени се преводите на книги од хрватски автори, а дела на некои од најпознатите писатели од оваа земја се застапени и во капиталниот проект на Владата на Република Македонија „Ѕвезди на светската книжевност“.

 

Канческа-Милевска на средбата го запознала хрватскиот колега и со Конкурсот за финансирање на преводи на странски издавачи на репрезентативни и квалитетни дела од македонската книжевност на странски јазици, преку кој на хрватскиот книжевен пазар веќе се достапни делата на Игор Исаковски и Христо Петревски.

Биле истакнати гостувањата на македонските театри на фестивалите во Хрватска, како и признанијата за Македонскиот народен театар и Театарот Комедија доделени на фестивалите во оваа земја. На средбата била потенцирана и одличната соработка во областа на музичката дејност, во чии рамки минатата година, Македонската филхармонија имаше исклучителен настап во најголемата концертната сала во Загреб, „Ватрослав Лисински“, каде пак годинава впечатлив настап имаше и детскиот хор  „Златно славејче“ кој настапи заедно со реномираниот хрватски детски хор „Децата од Рибњак“.

Канческа-Милевска во оваа пригода го поздравила и редовното учество на хрватските уметници на фестивалот „Охридско лето“ каде публиката изминатите години имаше можност да ги проследи исклучителните изведби на врвни уметници како Максим Мрвица, Иво  Погорелиќ, Звонимир  Шестак, Един  Карамазов и многу други. Реномирани автори од Хрватска редовно се претставуваат и на „Струшките вечери на поезијата“, како и на театарските фестивали „МНТ Фест“ и „МОТ“.

Во контекст на интензивирање на соработката помеѓу двете земји, двајцата министри за култура разговарале и околу соработката помеѓу манифестациите „Охридско лето“ и „Дубровнички летни игри“, кои се членки на европската асоцијација на фестивали и потписници на „Которската иницијатива“.

На средбата била иницирана и соработка помеѓу Музејот на современа уметност, Националната галерија на Македонија и Археолошкиот музеј на Македонија со сродни институции од Хрватска што ќе претставува платформа за размена на конкретни проекти.

Министерката за култура нагласила дека треба да продлолжи и одличната соработка во филмската дејност во чии рамки се реализираа неколку копродукции.

На средбата беше подвлечена и плодната релација што се остварува во областа на заштитата на културното наследство и размената на стручни кадри во рамките на меѓуинституционалната соработка, потоа соработката во рамките на УНЕСКО, во областа на заштитата на нематеријалното културно наследство и подводната археологија. Беше истакната и одличната соработка помеѓу двете земји во рамките на Форумот на словенските култури при што беше нагласено дека во септември годинава во Задар, ќе се одржи церемонијата за доделување на наградата „Жива“ за најдобар словенски музеј, а македонски кандидат е Заводот и Музеј од Штип.

Министерката Канческа-Милевска на покана на хрватскиот министер за култура, вечерва ќе присуствува и на свеченото отворање на 67-то издание на реномираната манифестација „Дубровнички летни игри“. Истовремено, како што се вели во соопштението од Министерството за култура, таа упатила и покана до нејзиниот хрватски колега да биде гостин на годинашното издание на најзначајната музичко-сценска манифестација во нашата држава, фестивалот „Охридско лето“, како и на поетската манифестација „Струшки вечери на поезијата“.