Македонија
11. November 2016 - 14:22

Потпишан Меморандум за соработка меѓу МТСП и ФИНКИ

Министерката за труд и социјална политика Фросина Ташевска-Ременски и деканот на Факултетот за информатички науки и компјутерско инжењерство Иван Чорбев денеска потпишаа Меморандум за соработка.

Целта на потпишувањето на овој Меморандум е меѓусебна и ефикасна соработка која ќе придонесе за унапредување како на практичната работа на студентите, така и на корисниците на услуги од областа на социјалната заштита со што ќе се отвори можност за ангажирање на кадарот и опремата на ФИНКИ за едукација на специфични целни групи, соопшти МТСП.

Конкретен пример којшто може да биде во функција на лицата со попреченост  е и роботот NAO кој  е хуманоиден робот што се користи и во едукативни цели, а неговата употреба во комуникација со деца со посебни потреби се покажала како особено успешна.

Од страна на деканот Чорбев и тимот што врши истражувања со роботот NAO на министерката Ташевска-Ременски и беше презентирана работата и резултатите од неа. На ФИНКИ, NAO се користи од 2011 година и од истражувањата најголем успех е постигнат во примена на модули за секојдневна комуникација и учење на деца од аутистичниот спектар. Ова истражување е во координација на две лаборатории на ФИНКИ, лабораторијата за интелигентни системи под раководство на вон. проф. Невена Ацковска и лабораторијата за интелигентна роботика под раководство на вон. проф. Андреа Кулаков.

Многу значаен партнер во истражувањето се и членовите на здружението „Отвори ги прозорците“, коишто овозможија во времето додека се одвиваа терапиите со аутистичните деца да обезбедат и простор за работа со роботот NAO. При тоа беше потенцирано дека е добро што и државните институции се заинтересирани за решавањето на овие проблеми со што ќе се овозможи зголемен квалитет на живот и инклузивноста на аутистичните деца и нивните семејства.

Министерката за труд и социјална политика д-р Фросина Ташевска-Ременски рече дека токму тоа е нејзина заложба и како министер и како научник да се спојат науката и практиката за да се добие квалитетен истражувачки проект кој, пак, од друга страна би го подобрил квалитетот на животот на социјално исклучените групи на лица со попреченост со цел да се искористи и нивниот потенцијал којшто го имаат.

Покрај ова, со Меморандумот се отвора можност и за работа на развојно-истражувачки проекти, реализирани преку соработка на експертски и професионални тимови, изработка на магистерски и докторски трудови од страна на постдипломци при ФИНКИ, а во функција на проекти од интерес на потписниците, како и обезбедување на студентска пракса за студентите-стипендисти и останати студенти запишани на студиски програми од интерес на МТСП.