Кошарка
29. јуни 2016 - 14:53

Потпишан договор за соработка меѓу МКФ и МОК

Претседателот на Македонската кошаркарска федерација (МКФ), Петар Наумоски и претседателот на Македонскиот олимписки комитет (МОК), Васил Тупурковски денес потпишаа Договор за соработка.
 
Во Договорот се предвидува МОК, во следниот Олимписки циклус, интензивно да ја помага МКФ, пред се, во насока на обука на тренерскиот кадар.
 
Овие проекти, за кои МОК веќе обезбеди финансиски средства во износ од 60,000 американски долари, ќе започнат да се реализираат во 2016 година и се однесуваат на обезбедување на следниве проектни активности:
 
- Престој во Олимпискиот центар во Колорадо (САД) и на Универзитетот Делавер, на Бранко Андриевски, координатор на младинските категории на МКФ, кој директно ќе работи со водечките екипи од НЦАА со што ќе се здобие со потребните знаења кои мора да ги поседува еден врвен кошаркарски тренер. Андриевски во 2017 година, ќе полага пред комисија на ИОК и ФИБА за добивање на тренерска диплома на ИОК, ФИБА и Американскиот олимписки комитет.
 
- Организација на Олимписки семинар за обука на тренери во младинска и сениорска категорија кој ќе го води Џакомо Браида, кошаркарски тренер од Италија, ФИБА експерт, кој во периодот 15-25 Јули 2016 година ќе работи со кошаркарските тренери од Македонија, во младинска и сениорска категорија, посебно во однос на унапредување на нивните знаење од областа на специјалната физичка подготовка.
 
- Унапредување на Националната кошаркарска структура во Македонија под водство на американските експерти, Џој Тејт и Клифтон Елис кои ќе работат со националните кошаркарски координатори во повеќе региони во Македонија во насока на унапредување на стратешките знаења на нашите тренери.
 
Финансиската конструкција за сите горенаведени активности во целост ќе биде покриена од страна на МОК.
 
Наведените проекти се веќе одобрени од страна на Меѓународниот олимписки комитет (ИОК) и Светската кошаркарска федерација (ФИБА) кои изразија големо задоволство од квалитетот на доставените проекти како и од соработката меѓу МОК и МКФ.