Македонија
25. April 2017 - 8:26

Постхумна изложба „Собитија“ на академскиот сликар Нове Франговски

Постхумна изложба со наслов „Собитија“ на академскиот сликар Нове Франговски ќе биде отворена вечер во Музејот на град Скопје. На изложбата ќе бидат презентирани над 110 дела од последниот циклус на Франговски „Собитија“, работени во изминатите 10 години.

Како што соопшти организаторот, „Собитија“ се состои од два дела. Првиот, минијатури, кои се директно произлезени од последната негова апстрактно-експресионистичка фаза, со таа разлика што малите димензии на медиумот врз кој се интервенира го ограничуваат просторот за експонирање и акција, кој е клучен и предаден преку своевидна игра на телото и „битка“ со белото платно, т.е. „влегување“ во него, но од друга страна пак, минијатурите се многу „понеобврзувачки“, во нив пристапува со поголема слобода и без предрасуди и претензии, па оттука тие се многу подинамични, игриви и трепетливи.

- Во нив нема пресметливост и калкулирање, туку тие од своевидно кроки прераснуваат во слика сама по себе. Одредена асоцијативност постои, но никогаш таа не е препознатлива до крајни граници, ниту пак делото е лесно читливо. Азиската калиграфија (кинеска или јапонска) извршила некаков, можеби и несвесен, импакт врз оваа стилска тенденција на авторот, а оттука и произлегуваат симболизмот, зенитизмот и метафизичката природа на овој тип на дела на Франговски, наведува Музеј на Град Скопје. 

Во вториот дел од „Собитија“, по кој е насловен и целиот последен опус на Франговски, уметникот веќе прави еден пресврт во творечкиот вокабулар, и во него се случува одредено навраќање на фигурата (се уште предадена со апстрактен јазик), навраќање на човекот, на антропоморфноста - толку својствена за неговите први фази во уметноста и стил по кој оставил свој единствен печат во тогашната југословенска ликовна сцена (70-ти и 80-ти години на минатиот век).

Нове Франговски е роден во Галичник, 1939 година, а почина на 25 март 2017 година во Скопје. Основното и средното образование (отсек скулптура) завршил во Скопје. Во 1966 година дипломирал на Уметничката академија во Белград (отсек сликарство). По дипломирањето работел како слободен уметник, а од 1971 до 1978 работел во дрвопреработувачката фабрика „Треска“. Од 1978 до 1996 година работел во трговското друштво „Славија“, а потоа како слободен уметник. Станал член на ААМ во 1967 година.

Од 1968 до 2012 година реализирал над 25 самостојни изложби, како и над 120 групни изложби во периодот од 1968 до 2016 година во земјава и во странство.

Добитник е на голем број награди, а во 1990 година ја основал Галичката ликовна колонијата, која има меѓународен карактер и на која учествувале над 250 македонски и странски уметници. Досега се одржани 27 сесии, а создадените дела биле презентирани на 13 биенални изложби.

Изложбата „Собитија“  ќе биде отворена во Музејот на град Скопје до 16 мај 2017.