Македонија
13. February 2018 - 13:44

Поставен пешачки мост во Кавадарци

Пешачки мост е поставен на улицата „Шишка” во Кавадарци, согласно програмата за комунална изградба на таа општина.

Од кабинетот на градоначалникот Митко Јанчев информираа дека изведувач на работите е фирмата „Метал Апостолов“, која согласно проектот изработи метална конструкција со скали и безбедносна ограда.

- Мостот е лоциран над улицата „Шишка“ во правец исток-запад, веднаш над Основен суд Кавадарци. Намената му е исклучиво за пешаци, пред се за учениците од населбата „Голи оток“ кои учат во ООУ „Тошо Велков-Пепето“. На источната страна ја спојува улицата „Вардарска“ со улицата „Нов Белград“ на запад, поточно со скалите кај Основниот суд, рече Јанчев.

Конструкцијата е висока 4,8 метри, долга е 21 метар, а широчината изнесува 1,5 метри, појаснија од градоначалничкиот кабинет. Со овој проект општината реализира едно долгогодишно барање на жителите. За изградбата на мостот се потрошени 700.000 денари.