Македонија
31. July 2016 - 14:03

Посебен сообраќаен режим за празнувањето на Илинден во Крушево, Скопје и Пелинце

За непречено и безбедно одвивање на закажаните настани за чествување на празникот Илинден на Мечкин Камен во Крушево, во кумановско Пелинце и во центарот на Скопје, МВР најави  посебен собраќаен режим.  

Сообраќајниот режим во центарот на Скопје ќе почне на 2 август (вторник) во 9.30 часот, од кога затворени за сообраќај ќе бидат дел од улиците „11 Октмври“ и „Димитрија Чуповски“ - на потегот од крстосницата со бул. „Кочо Рацин“ до крстосницата со ул.„Васил Главинов“, потоа ул. „Филип Втори Македонски“ - од крстосницата пред хотелот „Холидеј Ин“ до Градска болница, како и ул. „Даме Груев“ - на потегот од крстосницата со ул. „Македонија“ до Собранието на Република Македонија.

Согласно мерките на СВР Битола, во Крушево посебен сообраќаен режим е предвиден за 1-ви и 2 август. Утре во периодот од 18 часот до полноќ ќе биде забранет сообраќајот за сите видови возила по главната сообраќајница во градот - од влезот на Крушево, место викано Стара бензинска, до крстосницата „Тагас“, а возилата можат да се движат заобиколно преку хотел „Монтана Палас“ до Спомен-куќата на Тодор Проески и месноста Гумење.

На 2 август ќе биде забранет сообраќајот по главната сообраќајница во периодот од 9 до 11 часот,  а од 10 до 13 часот ќе биде забранет сообраќајот од местото викано Бензинска пумпа до месноста Мечкин Камен.

Забраната за сообраќај за трактори, земјоделски машини и запрежни возила ќе важи за 1-ви и 2 август од 00.00 до 24 часот на регионалниот пат Прилеп - Крушево и Демир Хисар – Крушево, а на 2 август ќе биде забранет сообраќајот за товарните моторни возила. Исто така, на 1-ви и 2 август ќе биде забрането паркирање патнички и товарни моторни возила по главната сообраќајница во градот.

Во Пелинце почетокот на празничната манифестација е закажан во 11 часот на 2 август.  МВР апелира до граѓаните кои планираат да присуствуваат на настанот во Меморијалниот центар во Пелинце да пристигнат до 10 часот, бидејки поради присуство на ВИП-гостите ќе биде применет посебен режим во сообраќајот со запирање на сите возила на магистралниот пат во правец од Крива Паланка кон Куманово и пропуштање на службените возила со првенство на минување.

МВР апелира до сите граѓани учесници во сообраќајот да ги почитуваат сообраќајните правила и прописи, како и сообраќајната регулатива за променетиот режим на сообраќајот.