Македонија
25. May 2021 - 8:53

Португалскиот предлог ставен на детални анализи

Португалскиот предлог за решавање на спорот меѓу Македонија и Бугарија веќе е детално разгледан од надлежните во земјава, а во текот на оваа недела ќе продолжат состаноците посветени на предлог решенијата, за кои македонската страна вели дека ги зеле предвид очекувањата и на Скопје и на Софија.

Се интензивираат напорите изминатиот период за надминување на спорот и одржување на првата Меѓувладина конференција со Европската Унија во јуни за време на португалското претседателство. Шефот на португалската дипломатија Аугусто Сантош Силва и еврокомесарот за проширување и соседска политика Оливер Вархеји во петокот најпрво во Софија, а потоа и во Скопје ги презентираа предлог решенијата за спорот, но засега детали во јавноста не се изнесуваат, освен дека предлогот не задира во македонските идентитетски прашања, како и дека португалското претседателство водело сметка за двете страни.

Министерот за надворешни работи Бујар Османи на заедничката прес-конференција во Скопје со неговите колеги од Австрија, Словенија и Чешка, Александер Шаленбер, Анже Логар и Јакуб Кулханек во саботата, рече дека предлогот е добра основа за отстранување на пречките на патот кон ЕУ, но напомена дека не треба преку медиумите да се изнесуваат детали од него. А премиерот Зоран Заев, вчера на чинот на положување цвеќе по повод 24 Мај – Денот на сесловенските просветители пред споменикот на Светите браќа Кирил и Методиј во УКИМ прашан за деталите од предлогот одговори дека се земени предвид очекувањата на двете страни.

-Немам детали за страната на Бугарија, односно за Софија, за тоа како го разгледува предметот, но според мене мислам дека португалското претседателство, португалскиот министер Аугусто Силва заедно со неговиот тим воделе грижа за да бидат вклопени очекувањата на двете страни, нагласи Заев.

Повтори дека предлогот за нас е добра база за решение, а исто така смета дека е земена предвид бугарската страна имајќи ја предвид резолуцијата усвоена во нивниот Парламент, но и се што е важно, согласно Договорот за стабилизација и асоцијација и патоказот за забрзување на имплементирање на Договорот за добрососедство.

Заев потенцира дека со предлогот се заштитетни македонски јазик и македонскиот идентитет и оти очекува мошне скоро нивно официјално признание и од страна на Бугарија.

Претседателот Стево Пендаровски, кој утре заедно со неговиот бугарски колега заминува за Рим на заедничко чествување на Светите браќа Кирил и Методиј, вчера по повод 24 Мај се осврна на значењето на јазикот.

-Македонскиот јазик, како и секој друг словенски јазик, е гранка од стеблото засадено од Св. Кирил и Методиј и нивните ученици, меѓу кои и Св. Климент и Св. Наум Охридски. Какви плодови ќе береме зависи од тоа колку ќе вложуваме во нашата македонска гранка од словенското јазично стебло. Тоа е наша должност кон претходните и идните генерации, но и наш придонес кон европскиот културен, образовен и цивилизациски простор, наведе Пендаровски во честитката по повод 24 Мај.

Македонската и бугарската делегација, предводена од Пендаровски и Радев утре ќе отпатуваат заедно во Италијанската Република, а задутре ќе положат цвеќе во базиликата Санта Марија Маџоре. Пендаровски и Радев со своите делегации ќе патуваат заедно до Рим, со бугарски авион. Заедничкото чествување и заедничкото патување се оценува како можност за олабавување на атмосферата во насока на постигнување решение, но сепак разговорите меѓу нив ќе бидат неформални, со оглед на тоа што тие не се задолжени за преговарање.

-Одиме на заедничко патување и на средби во Ватикан кај папата, затоа што ќе го решаваме спорот. Предлогот беше даден пред еден месец, јас сметав дека е добро со бугарскиот државен авион да ја собере целата делегација од кај нас, од Скопје. Сметам дека ова е еден добар сомболичен гест од двете страни и малку да ја олабавивме атмосферата во пресрет на она што ќе претстои понатаму во преговорите во врска со блокадата, изјави Пендаровски минатата недела, појаснувајќи дека со Радев нема да преговара, но сепак со оглед на фактот дека ќе имаат време неизбежно е дека ќе стане збор и за спорот, но сето тоа ќе биде во неформален контекст.

Заев, пак вчера изрази верба во европскиот дух на двајцата претседатели, нагласувајќи оти смета дека тие ќе го придвижат процесот на пронаоѓање решение.

-Како човек којшто го негува пријателството, дијалогот и дипломатските разговори за изнаоѓање на решенија на градење пријателство очекувам помеѓу нашиот претседател Пендаровски и бугарскиот претседател Радев да се изнајде некој исчекор во поглед на надминување на овој проблем којшто дефинитивно ја кочи европската интеграција на целиот Западен Балкан но и нашите европски перспективи, рече Заев.

Тој изрази уверување дека Бугарија ќе биде и понатаму силен поддржувач и на Македонија, но и на патот на европските интеграции на Западен Балкан, што досега го покажала неколку пати, а особено во 2018 година со организирање на самитот ЕУ-Западен Балкан во Софија.

-Верувам дека европскиот дух којшто претседателот Радев го негува, но и нашиот претседател ќе им биде доволен импетус помеѓу двајцата да направиме еден исчекор и да продолжиме понатаму во нашата европеизација, а секако ние низ роуд мапот ќе успееме да го забрзаме, ефектираме она што претставува спроведување на Договорот за пријателство, добрососедство и соработка помеѓу Македонија и Бугарија, порача премиерот.

Бугарскиот претседател Радев, пак, вчера по положувањето цвеќе пред споменикот на Светите браќа Кирил и Методиј во Софија, истакна дека Бугарија ги развива односите меѓу двете земји во духот на доверба, пријателство и добрососедство. Тој додаде дека дека европскиот пат на Република Македонија е преку Софија и дека тоа е патот за решавање на сите проблеми.

-Можам да кажам дека одеднаш станав многу интересен за сите европски лидери. На ден имам покани да разговарам со најмалку двајца премиери, еден претседател и еден комесар. Има многу внимание кон Бугарија, нема да го кажам зборот притисок, изјави вчера Радев, кој рече дека не треба да се заборави оти Бугарија е членка на ЕУ „и тоа значи многу, а ќе се обратиме до другите членки на ЕУ за солидарност“.

Тој вчера имаше средба со претседателката на Европската комисија, Урсула фон дер Лајен и португалскиот премиер Антонио Коста, на која истакнал дека се потребни позитивни примери во билатералните односи меѓу Бугарија и Македонија и директен и отворен билатерален дијалог за решавање на проблемите.

-Секоја можна одлука за започнување преговори за членство во ЕУ на Република Македонија ќе биде внимателно анализирана и усогласена со резолуцијата на бугарскиот Парламент и рамковната позиција на нашата земја, изјавил Радев на состанокот и го оценил како „добар знак“ претстојното заедничко оддавање почит на делото на светите браќа Кирил и Методиј на 27 мај од страна на делегациите на Бугарија и Македонија во Рим.

Потпретседателката на Бугарија, Илијана Јотова вчера во интервју за Бугарското национално радио изјави дека ова се првите чекори во одмрзнувањето на односите меѓу Македонија и Бугарија, откако тие достигнале прилично безнадежна точка на развој.

-Со напорите на Европската Унија, мора да се најде решение за обете земји, за да се исполни Договорот за добрососедство од 2017 година и при тоа да не се избрише меморијата ниту на Бугарија, ниту на Македонија, изјави Јотова.

Според Јотова, тоа е исклучително важно, бидејќи постојат различни опции во врска со процесот на преговори на Македонија со ЕУ, според кои одредени текстови ќе бидат напишани во првото поглавје или ќе се создаде дополнително поглавје по сите други и процесот на преговори за него нема да биде затворен сè додека не се расчистат односите меѓу Бугарија и Македонија.

Амбасадите на Република Македонија и Република Бугарија во Белград, Прага, Варшава и Киев, вчера, заеднички го одбележаа и чествуваа празникот 24-Мај Денот на Светите браќа Кирил и Методиј. Ова заедничко одбележување на амбасадите било договорено меѓу двете министерства за надворешни работи во духот на Договорот за пријателство, добрососедство и соработка.