Македонија
12. March 2018 - 21:09

Пороен дожд вечерва предизвика поплави во Скопје и Куманово

Поизразена нестабилност со пороен дожд и грмежи вечерва има во Скопската котлина, како и во Кумановско. Оваа нестабилна облачна маса е со правец на движење кон североисток, но се очекува да се задржи над ова подрачје во наредните час до два.

Пороен дожд и град го зафати Куманово вечерва пред 20 часот. Невремето беше проследено со силни електрични празнења и грмежи, а град со големина на лешник врнеше во поширокото централно градско подрачје.

Куманово 2

Од регионалниот центар за управување со кризи Куманово информираа дека големи количини вода се слеваат на булеварот „Октомвриска револуција“. Информацијата ја потврдија и одговорните од ЈП „Водовод“ чии екипи се на терен.

Најкритично според директорот на „Водовод“, Горан Стојковски е на најниските точки во градот булеварот „Октомвриска револуција“ и „Никола Тесла“.

- Екипите се на терен и ги отвараат шахтите за атмосферска канализација, вели Стојковски.

Како што соопшти УХМР, во ноќните часови и понатаму ќе биде нестабилно облачно со локален пороен дожд и грмежи, особено во источната половина од земјата. Во втората половина од ноќта атмосферата ќе се стабилизира.

Попладнево во Македонија времето беше значително облачно со локални врнежи од дожд, кои на места беа поројни и проследени со грмежи. Нестабилно беше во Штипско, Градско, Прилепско, Кочанско, како и во Полог.

Утре само во крајните западни и источни делови ќе има локален дожд и ретка појава на грмежи. Во среда и четврток во поголем дел од земјава ќе се задржи суво време. Нови врнежи од дожд се очекуваат во петок, а особено за време на викендот кога ќе биде и нестабилно со пороен дожд и грмежи.