Македонија
4. September 2020 - 16:54

Порнашени пратеници сведочеа во случајот против организаторите на ,,27 април‘‘

Никој од обвинетите како наводни нарачатели на случајот „27 април“, не подготвувал план за предизвикување инцидент за време на конститутивната седница по изборите во 2016-та, тврдат пратеници од претходниот парламентарен состав. По барање на обвинетиот Вељановски, денеска во судот сведочеа Никола Мицевски, Крсто Јовановски, Панчо Минов, Драган Данев. Негираа дека ВМРО-ДПМНЕ подготвувала план за насилство.

„Апсолутно не, ниту имавме некоја информација ниту некој на координација на пратеничката група информирал за некаков план, ниту, пак, како член и активист во Штип некој спомнал нешто. Напротив, на многуте координации што ги имавме бевме опоменувани од тогашниот координатор на пратеничката група да внимаваме на каква било вербална или друга провокација од колеги пратеници”, изјави Никола Мицевски.

Пратениците во своите сведочења наведоа дека како претставници на општинските комитети на партијата, не добивале насоки од поранешните министери Рисотвски и Јанакиески за мобилизирање на членството за учество на протестите за Заедничка македонија. Велат тоа било самоиницијативно.

„ВМРО-ДПМНЕ никогаш не заговарала присуство на протестите, секој што сакал можел да учествува“, сведочеше пратеникот Крсто Јовановски.

Според одбраната, пратениците потврдиле дека текот на конститутивната седница од 2016-та се одвивал според деловникот.

Судењето за наводните организатори на 27-ми април ќе продолжи во четврток. Ќе сведочат уште 6-мина пратеници од поранешниот собраниски состав меѓу кои и поранешниот пратеник Илија Димовски.