Балкан
8. December 2015 - 12:35

Поранешен командант од армијата на БиХ уапсен за воени злосторства

По наредба на обвинителството за воени злосторства на Босна и Херцеговина полициски службеници го уапсија денеска поранешниот командант на Третиот корпус на армијата на БиХ Сакиб Махмуљин, под сомневање дека не го спречил убиството на околу 50 цивили од српска националност, пишува сараевскиот весник „Дневни аваз“.

Махмуљин (63) е осомничен за злосторства, извршени во периодот од јули до октомври 1995 година за време на офанзивата на единиците на Третиот корпус на армијата на БиХ во реонот на Возуча, Источна Босна и Херцеговина.

Во злосторствата учествувала и единицата „Ел Муџахедин“, која за време на овие воени дејствија убила околу 50 заробеници од српска националност.

Махмуљин е обвинет за воени злосторства против воени заробеници, цивилно население и ранети и болни луѓе.