Македонија
25. March 2016 - 9:29

Пораки за Светскиот ден на театарот од режисерите Анатолиј Василев и Бранко Ставрев

Театарот може да ни каже се - и како боговите живеат на небо, и како затворениците скапуваат во пештерите, и како страста возвишува, и како љубовта погубува, и како добриот човек не е потребен и како измамата царува, и како луѓето живеат по станови додека деца венеат по кампови за бегалци, и како сите потоа треба да се вратат во пустината, и како заљубените се разделуваат. Театарот може да ни раскаже се.

Ова го пишува рускиот режисер Анатолиј Василев во годинашната меѓународна порака за одбележувањето на Светскиот ден на театарот 27 Март, во која тој наведува дека во последниве педесет или седумдесет години, театарат е особено потребен.

- Затоа што од сите јавни уметности само театарот се случува од уста в уста, од очи в очи, од раце в раце, од тело - кон тело... Театарот е потребно да е секаков. Само еден театар е непотребен. Тоа е театарот на политичките игри, театарот на политичките стапици, театарот на политичарите, политичкиот театар. Театарот на секојдневниот терор – личен и колективен, театар на трупови и театарот на крв на улиците и плоштадите, во главните градови и провинциите, меѓу религиите и етникумите, пишува Василев во пораката. 

Режисерот Бранко Ставрев, пак, автор на македонската порака за Светскиот ден на театарот во 2016-та, прашува:  Може ли театарот со „добра игра“ да ги надополни недостатоците на драмата?

- Недоразбирањата, протестите, митинзите, делбите – му ја одземаат силата на театарот. Кризата низ која минува ова овде и сега е се подлабока. Отворена е кутијата на Пандора, на улицата ни се „окотува волчица“. Трагичното овде и сега ќе бара од театарот одново и одново да ја преиспитува сопствената функција. Очебијно е дека ќе му биде потребна огромна енергија за да одговори на судбоносното прашање: Што да се прави кога реката на животот се излеала од коритото и ги поплавува сите надежи?, пишува Ставрев. 

Театарот, наведува Ставрев, ќе мора овие потресни библиски фрески и гротески и сите други настани од споулавениот уличен театар на нашето неспокојно катадневие да ги внесе во својот храм, каде што им е местото.

- И да им го подметне старото Хамлетово огледало на природата, кое на доблеста и овој пат ќе и ги покаже нејзините црти, на презирот неговата слика, а на самиот век и тело на времето, нивниот облик и отпечаток, напиша режисерот Ставрев во годинашната македонска порака.

Светскиот ден на театарот е востановен во 1961 година од Интернационалниот театарски институт (ИТИ). Се одбележува секоја година на 27 март кога пред изведувањето на претставите на сцените низ светот се читаат меѓународна и национална порака за значењето на театарот.