Македонија
29. July 2021 - 16:50

Поради топлото време зголемен бројот на повици во Брзата Помош

Колапси, сообраќајна несреќа, влошена состојба на хронично болни пациенти –ова се дел од повиците во скопската Брза Помош на првиот ден од топлотниот бран со температури над 40тиот степен. Здравствените власти издадоа препораки, Владата мерки а лекарите апелираа за ризикот по здравјето од пеколните горештини. Но и покрај вклучениот аларм, градежни фирми не ги почитувале насоките и работници биле на скелиња во најтоплиот период од денот. Ова го констатирал трудовиот инспекторат од каде велат дека на тие работодавачи им издале забрани за работа од 11 до 17 часот а ако не ги почитуваат следуваат дополнителни санкции. Исто така до испекторите стигнале и поплаки од фабрики каде немало систем за разладување. Работењето во такви услови може да доведе и до топлотен удар за што предупредуваат и здравствените работници укажувајќи дека таквата состојба може да биде и животозагрозувачка.

-неспуштање на температурата и покрај ладните облоги, конфузност, тахикардија, губење на свест и мора брзо да се реагира, вели др. Моника Блажеска од Брза Помош Скопје.

Вртоглавица, тахикардија и губење на свест има и кај сончаница, но според лекарите оваа состојба може да помине за половина час за разлика од топлотниот удар.

Поради високите температури од денес до недела земјата е во портокалова фаза и на сила се мерки за заштита на населението. Од работа треба да бидат ослободени бремените жени и постарите од 60 години а за децата во градинките препораката е да нема физичка активност и излегување надвор.