Балкан
17. September 2019 - 15:38

Понош: Вучиќ стои зад извоз на српско оружје во Саудиска Арабија, српското Mинистерство за трговија демантира

Поранешниот началник на Генералштабот на српските вооружени сили (ВС) и потпретседател на Народната партија (НС) Здравко Понош денеска изјави дека зад извозот на оружје од Србија во Саудиска Арабија стои претседателот на Србија, Александар Вучиќ, а не само Бранко Стефановиќ, татко на министерот за внатрешни работи Небојша Стефановиќ.

-Јемен е држава под ембарго за увоз на оружје и не треба да се прави она што го прави српската власт, без оглед на тоа што мислат дека го прават за доброто на своите односи со претставник на некоја голема сила, нагласува Понош во писмена изјава. Понош изјави дека во компанијата преку која оружјето дошло од Србија, водечко име е Бранко Стефановиќ, татко на министерот за внатрешни работи.

-Бранко Стефановиќ беше неуспешен кафански музичар, а неговиот син Небојша Стефановиќ беше неуспешен студент на два факултета и на крајот дипломираше на билетарницата на Сава центарот. Не станаа тие преку ноќ толку умни за да одеднаш станат успешни трговци со оружје во светот. Затоа сум убеден дека зад оваа операција стои Вучиќ, рече Понош. Тој додаде дека порталот Arms watch аргументирано тврди како српското оружје пристигнало во исламистичките групи во Јемен, каде што во тек е најголемото страдање на цивили во моментот на планетата.

Поранешниот началник на Генералштабот на српските вооружени сили, Здравко Понош, потсети дека на „14.09.2018 година, претседателот на Народната партија, Вук Јеремиќ, посочил дека од 2016 до минатата година во Саудиска Арабија е извезено оружје во вредност од 220 милиони долари, како и дека една од најголемите компании во овој бизнис е ГИМ, во сопственост на Горан Тодоровиќ, кој е во деловна трговија со оружје со Бранко Стефановиќ.“ Како што јави дописникот на МИА од Белград, по оваа изјава на Понош и по пишувањето на меѓународниот портал „Arms watch со демант реагираше Министерството за трговија.

-Во врска со информациите и наводите изнесени во последните неколку дена во електронските и печатените медиуми во врска со наводниот извоз на оружје произведено во Србија во Јемен, Министерството за трговија, туризам и телекомуникации соопштува дека ниедна дозвола за извоз на оружје, воена опрема, како ни опрема за двојна употреба не е издадена за Јемен, ниту пак за извоз во која било друга земја кој е под санкција на меѓународната заедница, се наведува во соопштението.

Меѓународниот портал „Arms watch“ вчера објави дека нивниот сајт се нашол под хакерски напад од Србија, ден откако е објавен третиот дел од приказната за наводниот извоз на оружје од Србија во Јемен, за кој, наводно, „посредувале членови на семејства на некои високи владини службеници.“ Како што објави бугарската новинарка и основач на „Arms Watch“, Диљана Гајтанџиева, најмалку три милиони парчиња на оружје од Србија, преку фирмата ГИМ, како што се гранати и ракети, во последните години го нашле својот пат кон Јемен и Сирија.

-Околу 517.000 гранати биле извезени од Србија од приватната компанија ГИМ, претставена од Бранко Стефановиќ, татко на српскиот министер на полицијата, Небојша Стефановиќ, пишува „Arms Watch“. Гајтанџиева имала пристап до е-пошта, меморандуми, договори, фотографии, пасоши копии и броеви за следење на гранати направени во Србија, кои се прикажани во пропагандните видеа на ИД.

Таа тврди дека според документите кои новинарите ги добиле од производителот Крушик во Ваљево кој е во сопственост на државата Србија и извозникот „Југоимпорт СДПР“, дека покрај фирми од САД, купувачи на оружјето биле и коалициските партнери Саудиска Арабија и Обединетите Арапски Емирати, кои биле вклучени во трансферот на оружје на ИД.