Бизнис
29. March 2018 - 17:20

Помалку од 20 отсто од македонските граѓани купуваат онлајн

Само 19,5 отсто од интернет корисниците во Македонија направиле онлајн нарачка во последните 12 месеци, според податоците на Државниот завод за статистика и Еуростат. Дури 59 отсто од нив никогаш не нарачале нешто онлајн, а 18 отсто одговориле дека тоа не го сториле бидејќи немаат потребни вештини.

Овие податоци денеска ги објави новоформираната Асоцијација за е-трговија на Македонија, која подготвува сеопфатна анализа за е-трговијата во Македонија. 

Нина Ангеловска, претседател на Асоцијацијата и коосоновач на Групер, истакна дека причината за малиот број онлајн купувања во земјава е поради тоа што граѓаните немаат доволно дигитални вештини и поради малиот број онлајн компании на пазарот.  Во 2017 година активни биле само 578 веб-страни за онлајн трговија од нив најмногу се занимаваат со малопродажба, со услужни дејности и туризам. 

- Ни треба поголема понуда. Да се понуди подобра причина, да се даде поттик зошто граѓаните да се впуштат во онлајн купување. Мора да работиме и на едукација и на подигнување на свеста на населението од сите аспекти меѓутоа населението и да е едуцирано и да е свесно ако нема од каде да купи и нема понуда, ќе има само пораст на трансакциите кон странство, а не и кон дома. Со некои членки работиме и на предизвиците како да стимулираме извоз, рече Ангеловска. 

Наспроти овие бројки, 74 отсто од населението во Македонија користи интернет, а македонските граѓани имаат 1,8 милиони издадени платежни картички или 0.9 по глава на жител. Во земјите од ЕУ просекот е 1.5 отсто. Пет од вкупно 14 банки нудат можност за е-трговија преку три различни платежни процесори. Според Ангеловска, 67 отсто од вкупниот промет со картички, македонските граѓани го прават за подигнување готовина.

- Само три отсто се онлајн трансакции. Вредноста во е-трговијата, според НБРМ, изнесува 105 милијарди евра во 2017 година, што претставува 21 отсто пораст во споредба со 2016 година. Од овие 105 милиони евра, 71 отсто се кон странските е-трговци. Тоа значи 31,9 милиони евра кон македонските е-трговци, рече Ангелоска.

На странските онлајн продавници македонските граѓани најчесто купувале електроника, облека и играчки. 

Министерот за информатичко општество и администрација Дамјан Манчески, го поздрави формирањето на Асоцијацијата посочувајќи дека 85 отсто од целата трговија што се одвива онлајн е од граѓаните кон бизнисите, но не и кон институциите. Манчевски вели дека освен што треба да се зголеми свеста за е-трговијата, граѓаните ќе бидат обучувани електронски да ги користат и услугите на институциите. Владата работи на покревање на дигиталната писменост на граѓаните и мора да се работи на зголемување на пенетрацијата на широкопојасниот интернет во руралните средини. 

- Владата веќе кон крајот на оваа година и формално ќе го пушти во употреба и регистерот на население, финансиран од ЕУ, а кон средината на оваа година во употреба ќе биде пуштен и новиот национален портал за електронски услуги. Порталот ќе претставува една единствена точка за контакт помеѓу граѓаните и институциите на електронски начин, и ќе обезбеди поевтини услуги рече Манчевски. 

Во однос на онлајн трговијата и безбедноста на информациите и на плаќањето, министерот информираше дека во изработка е прва стратегија за сајбер безбедност во Македонија. 

Според гувернерот Димитар Богов Народната банка на Македонија е многу заинтересирана за дигитализација на нашата економија и да бориме за поголема е-трговија.

- Имаме добра интеренет пенетрација, бројот на картички е солиден, но очигледно тоа не е доволно. Од вкупниот број граѓани кои имаат картички само 20 отсто користат интернет банкарство. Само осум отсто на лица со банкарски сметки имаат опција за интернет банкарство за вршење трансакции, што е многу ниско. Треба да се работи на зголемување на овој процент, што значи инвестирање во инфраструктурата на банките и од аспект на безбедноста, која зазема се позначајно место. Денес сајбер ризикот кај банките веќе избива на прво место, рече Богов.