Македонија
10. October 2021 - 16:33

Помалку од 10% од лекарите до сега примиле трета доза вакцина

Ниту 10 проценти од здравствените работници кои во февруари и март први добија вакцини против Ковид-19, не се појавиле во пунктовите за бустер доза. Само 625 лица досега ја искористиле оваа можност иако Комитетот за имунизација дозволи зајакнување на имунитетот за сите кои сакаат и се на ризични работни места. Но мора да поминат 6 месеци од втората доза за да одат на трето боцкање. Интересот според статистиката и за прва и за трета доза е мал а рокот на повеќе од 240 000 вакцини на Фајзер според официјалниот одговор што го добивме од МЗ истекува на крајот од годината а дел имаат важност и во јануари. Доколку имунизацијата продолжи со ова темпо, лекари велат дека поголема количина од овие залихи ќе заврши во Дрисла. Во петокот едвај 745 лица примиле прва а само 45 трета доза.

Од достапните вакцини според евиденцијата на Институтот за јавно здравје чија анализа е до 2 октомври, ревакцинирани со две дози се нешто над 740 000 граѓани. Од нив повеќе од половината ги примиле кинеските вакцини Синофарм и Синовак, по што следуваат Фајзер, Астра Зенека и околу 20 000 граѓани со Спутник кои беа донација од Србија.

Дека сме далеку од колективниот имунитет покажува и бројката на вакцинирано население со две дози – 35 проценти од популацијата во земјата е ревакцинирана.

И додека кај нас сите апелираат и ги молат граѓаните да примат прва доза од постоечките, во светот веќе во клинички студии се нови вакцини кои треба да дадат многу подобра заштита на имунитетот а се правени по примероци од последните мутации на вирусот.