Свет
15. November 2020 - 12:15

Политичари во Германија сложни дека мерките против Ковид-19 можеби треба да траат цела зима

Еден ден пред состанокот на претставници на федералната влада и федералните покраини, водечките политичари во Германија ги намалуваат очекувањата во врска со брзо попуштање на мерките за затворање во борбата против ширењето на пандемијата.

„И покрај сите напори, се уште не сме достигнале пресврт точка. Бројот на новозаболени е се уште многу голем”, изјави министерот за економија и член на т.н. коронакабинет Питер Алтмаер во интервју за неделното издание на Билд.

Тој ги отфрли надежите за скорешно олеснување на мерките и шпекулираше дека мерките може да траат до крајот на зимата.

„Ќе мора да живееме со видливи мерки на претпазливост и ограничувања најмалку во следните четири до пет месеци“, рече Алтмаер, додавајќи дека германската економија не може да си дозволи „јо-јо“ на отворање и затворање.

Според него, целта е да се избегнат бројки на заразени како во Франција, која бележеше по 50.000 нови инфекции на ден.

Премиерот на Сојузната покраина Саксонија, Михаел Кречмер, рече слично за истиот дневен весник.

„Мое мислење е дека нема основа за олеснување на мерките, имајќи предвид дека се уште има голем број новозаразени“, изјави Кречмер.

Баварскиот премиер Маркус Содер се залага не само за задржување на постојните мерки за затворање, туку и за нивно заострување.

„Нема основа за ублажување на мерките. Кој премногу рано ги укине мерките, ризикува Божиќ. Дури треба да се запрашаме дали сегашните мерки се доволни”, рече Содер.